Македонија
27. May 2017 - 17:08

Петар Гошев и Љубчо Георгиевски со меѓусебни обвинувања за криминални дејствија

Жестока преписка деновиве се разви меѓу екс гувернерот на народна банка Петар Гошев и екс премиерот и актуелен лидер на ВМРО Народна Љубчо Георгиевски. Обвинувања за криминал,  навреди и прашања си упатија еден на друг за времето кога биле на власт и функција. На социјалните мрежи Георгиевски  го обвини Гошев дека во времето кога тој бил гувернер, за прв пат во историјата на Македонија, банкротираше народната банка не поради финансиски причини туку по волја на гувернерот. Георгиевски го прашува Гошев , која е причината за ваквата постапка.

„Петар Гошев очигледно има црна дупка во меморијата, штом не се сеќава на 5-те години во кои како гувернер му служеше на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски а притоа многу успешно ги бранеше нивните политики.Во тој контекст секако треба да и објасни на јавноста како заеднички и во договор со ВМРО-ДПМНЕ ја банкротираа Македонска банка? Тоа е единствената банка која што не е ликвидирана од финансиски причини, туку по волја на гувернерот.

Екс гувернерот Петар Гошев, пак  во колумна иронично вели, Не бе Љубчо ти не рекетираше никого, фирмите самите  давале пари. Но ако не е така , нема да знаеме вели Гошев  како Георгиевски  стана „средно богат“ бизнисмен и како многу луѓе околу него, за само четири години стекнаа имот што не би го стекнале ниту за 400 години.

„Драг наш шегобиец Љубчо! „Благовестие“ на твојата почитувана сопруга не рекетираше туку, ненадејно, фирмите самите почнаа доброволно да ѝ префрлаат пари. Од чист хуманизам. Торбите со кеш, што секој ден ги прибираше твојот директор на Царинарницата на Македонија (осуден во отсуство, скриен со години кај соседите), „доброволно“ му ги полнеа транспортните организации и тој „дневен пазар“, или дневен „доброволен прилог“ (од увозниците и од извозниците) „самариќански“ им го подарувавте на сиромашните (или пак, си го делевте меѓу себе?); и никој не зеде мито во милионски износи од продажбата на „Окта“, на „Телеком“ и на други компании“ пишува Гошев.

На  колумната повторно возврати Георгиевски,

„Гошев како министер за финансии сигурно добро проверил дека севкупната сума што Благовестие ја има добиено од фирми е нешто помеѓу долговите што неговата сопруга ги оставила по салоните за убавина и неговите лични долгови за опремување на куќата и станот Во Охрид. За личната етика на Гошев ке му ги соберам спонзорите на Демократската партија да го потсетат за неговите чисти раце.

И така останува Гошев во идното продолжение да ни раскаже за неговиот успех како министер за финансии и седум години Гувернер,од кои пет како слуга на Груевски.

Убаво што потврди дека Македонска банка е ликвидирана од нефинансики причини, Гошев јасно знае дека ја исполнуваше желбата на ВМРО а патем го закачи и плацот кај Гевгелија (со чисти раце) пишува Георгиевски.