Македонија
20. јуни 2020 - 13:07

Пет здравствени работници од штипската Клиничка болница се активни случаи на коронавирусот

Медицинска сестра од штипската Клиничка болница, која работела на друго одделение, а била на помош на своите колешки на Инфективното одделение е новиот позитивен случај на коронавирусот меѓу здравствените работници. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека медицинската сестра уште пред 10 дена е во изолација. Таа заедно со уште пет здарвствени работници, меѓу кои двајца лекари, две медицински сестри и еден лаборант се ставени во изолација по потврдените два случаи на здравствени работници на 9 јуни.

-Со новиот позитивен случај, во моментов активни заразени со коронаинфекција имаме вкупно пет здравствени работници. Тестирани се и медицинскиот персонал од смената на одделението за неонатологија, акушерство и гинекологија. Овие резултати се чекаат, а според епидемиолозите во изолација се ставени и седумте родилки и нивните новороденчиња од Штип, Радовиш, Пехчево и Македонска Каменица, вели Ѓеорѓијев.

Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје-Штип ги очекуваат и резултатите од тестовите на медицинскиот персонал во Итната Медицинска помош во Штип, каде што до вчера се регистрирани вкупно двајца позитивни случаи, од кои еден лекар и еден возач.

На Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип болнички се лекуваат вкупно 21 пациент, но имаат и тројца сомнителни пациенти со симптоми, за кои се чекаат резултатите.