Македонија
23. July 2020 - 15:39

Пет новозаболени во тетовско, бројот на активни случаи со КОВИД-19 намален споредено со пред еден месец

Тетовскиот Центар за јавно здравје регион денес бележи пет нови случаи на заболени од Ковид-19 во шестте тетовски општини.

-Од вкупно пет нови случаи на заволени поради коронавирус,  четири се кај жители во рамки на општина Тетово и еден случај на заболен при општина Теарце, информираше Зорица Зафироска, специјалист по епидемиологија при Центарот за јавно здравје.

Денеска за прв пат овој месец состанок одржа Кризниот штаб на општина Тетово. Според нивната евиденција до денес во Тетово и околните општини, вкупниот број на дијагностицирани со Ковид-19 е 954.

–Од овој број досега излекувани се вкупно 557 лица, а 67 починале, со што бројот на активни случаи во Тетово и 5-те околни општини е 330. Иако имавме континуирано зголемување на бројот на заразени, во однос на пред еден месец бројот на активни случаи на КОВИД 19 во општина Тетово и 5-те околни општини е намален и тоа од 390 бројка од 22.06.2020 на 330 случаи активни до денеска, се наведува во соооштението на Кризниот штаб.

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска соопшти дека за периодот од 22 до 23 јули во 7 часот за неносење заштитни маски на 78 лица во тетовско изготвени им се прекршочни платни налози согласно член 6 од соодветната владина Уредба. Во тој период на 10 луѓе изготвени им се нови решенија за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а извршени им биле контроли на 595 лица со вакви решенија и не биле констатирани неправилности околу нивното почитување.