Македонија
16. March 2020 - 23:10

Пет нови случаи со корона вирус во Македонија, се повторува тестирањето на уште двајца кои добиле позитивен резултат во приватна клиника

5 нови пациенти со корона вирус во Македонија и уште двајца позитивни но со тестови направени во приватна клиника. За нив ќе мора да се проверат резултатите во лабораторијата на ИЈЗ. Вкупно 7 граѓани биле тестирани утрово но од нив позитивна е  само 54 годишната жена  која минатата недела  се вратила од Холандија со лет од Виена. Попладнево биле тестирани уште 10 мина од кои 4 се позитивни на вирусот и тоа се  граѓани од Дебар кои имале контакт со претходно потврдените случаи.

Околу 200 граѓани кои имале некаков контакт со заболената докторка од Клиниката за кожни болести до сега немаат развиено симптоми на вирусот. Таа беше потврдена пред една недела , а поминати се 8 дена откако се во карантин луѓето кои имале контакт со неа..  Епидемиолошки проверки постојано се прават но според Филипче вирусот нема правила .

Државата ги затвара сите гранични премини за влез на странци. Затвора и меѓународниот аеродром СКопје но оваа забрана ќе стапи на сила по 48 часа. Се прават напори да бидат спроведени наши државјани кои се заглавени во трети земји а немаат регулиран статус,но  за оние кои имаат министерот Димитров апелира да ги почитуваат регулативите на тамошните држави. Кој нема да ги почитува мерките при влез во државата,  ќе биде соодветно санкциониран.

Полицијата и инспекторите постојано вршат надзор  и контролираат дали се почитуваат мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот во земјава. ВО Гостивар приведен е еден  угостител кој работел спротивно на владината одлука и неговиот објект бил отворен за гости.