Свет
14. October 2021 - 8:38

Пет лица загинаа во нападот во Норвешка

Бројот на жртви во вчерашниот напад со лак и стрела во Норвешка достигна пет лица, а уште двајца се повредени, јавија локалните медиуми.

Маж со лак и стрела изврши напад во градот Конгсберг, каде живеат околу 28 илјади жители, а се наоѓа југозападно од Осло.

Напаѓачот е уапсен, а полицијата истражува дали користел и некое друго оружје.

Меѓу повредените, кои во моментов се во болница, има полицаец кој не бил на должност.

Инцидентот се случи вчера во 6:30 часот наутро по локално време, а полицијата соопшти дека ќе спроведе истрага за да утврди дали нападот има некаква врска со тероризам.

По нападот, полициската управа им нареди на полицајците низ целата земја да носат огнено оружје. Норвешката полиција е генерално невооружена, но полицајците имаат пристап до оружје кога е потребно.

Полициската управа соопшти дека станува збор за мерка на претпазливост и „засега нема индикации дека националното ниво на опасност ќе се промени“.
 

Нападот се случува 10 години по најтешкиот терористички напад во земјата, кога 77 луѓе беа убиени од ултрадесничарски екстремист. На 22 јули 2011 година, Андерс Беринг Брејвик активираше автомобил-бомба во Осло, убивајќи осум луѓе, пред да замине на островот Утоја, каде што отвори оган врз присутните на годишниот летен камп што го организираше младинската организација на Лабуристичката партија, при што загинаа 69 луѓе, главно тинејџери и млади луѓе.