Македонија
18. September 2021 - 16:47

Пет лица приведени на протестите во Тетово, ДУИ ја обвинува албанската опозиција

Продолжуваат апсењата во врска со вчерашните насилни протести во Тетово. По синоќешните три, изутрината полицијата приведе уште две лица поради вмешаност во настанот во кој беа повредени четири полицајци.

Од тетовската полиција велат дека ќе одговараат за кривичните дела учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на дејност и напад врз службено лице.

Меѓу синоќешните приведени е и организаторот на протестите Блерим Ахмеди. Неговиот адвокат за ТВ 21 изјавил дека неговиот клиент се товари за кривично дело за кое е придвидена казна затвор од една до три години.

Инцидентите се случија на протестите на кои се бараше одговорност за 14-те жртви во модуларната болница во Тетово, кога демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ во Мала Речица, но беа спречени од полицијата.

Владејачката ДУИ тврди дека насилствата ги поттикнала албанската опозиција и дека за тоа имаат цврсти докази, а уверуваат дека трагедијата нема да се одрази на нивниот рејтинг во градот. 

“Албанските граѓани и воопшто и другите во Македонија, имаат вистинска смисла и политичка едукација да ги разберат изборните програми и секој обид за злоупотреба на трагедијата во Тетово. Се разбира, имаме информации дека вчерашните протести беа и со директни инструкции од високи функционери на албанската опозиција. Ги повикуваме уште еднаш да ги тргнат рацете од оваа трагедија”

На обвинувањата веднаш реагираа од Алијанса за Албанците. Директно го повикаа Нухиу за одговороност и обвинија дека ДУИ се дел од хибридниот режим во земјава.

“Агим Нухиу, ти се зголеми злото! После 27 април, ти се додаде и осми септември.  Агим, знаеме дека немаш слушнато за оставка, ниту пак во вашиот политички ген го немате имплементирано политичкиот и човечки морал. Денес, треба да одговорите до каде се истрагите за модуларната болница во Тетово што изгоре, кој ќе биде одговорен за 14-те изгорени животи во огинот”, велат од Алијанса.

Обвинувањата и преписките денеска присутни и во македонскиот блок. Кој е крив за пожарот во Тетово и зошто се уште нема одговорност за трагедијата, прашуваат од ВМРО ДПМНЕ

Модуларните болници не се направени од пластика и стиропор како Скопје 2014  кое граѓаните ги чинеше над 600 милиони евра, реагираа од СДСМ и ја повикаа опозицијата наместо лажни вести и дезинформации, да остават истрагата да ги даде сите одговори.

А неа ја завршија германските истражители. Од Владата соопштуваат дека тие ги прибрале сите потребни информации по што дополнително ќе достават извештај.