Македонија
20. јуни 2021 - 12:43

Пет лица пренесени во болница откако со „форд мондео“ излетале од патот Штип - Радовиш

Три лица се тешко повредени, а двајца полесно по излетување на автомобил „форд мондео“ од коловозот на магистралниот пат Штип-Радовиш. Несреќата се случила вчера доцна попладнето информираат од СВР-Штип.

Во соопштението се наведува дека  патничко возило „форд мондео“, со штипски регистарски ознаки, управувано од 40 – годишниот С.А. од Германија, со место на живеење во Кочани, излетало од коловозот.

По незгодата возачот и сопатниците биле пренесени во Клиничка болница – Штип, каде на возачот и двајца малолетни сопатници, од кои едниот од Германија, а другиот од Кочани, им биле констатирани тешки телесни повреди, а кај сопатниците на возраст од 19 години со исти иницијали С.А. и двајцата од Кочани им биле констатирани телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од СВР Штип.

Инаку синоќа спроведена е акциска контрола во областа на сообраќајот, изречени се 18 мерки на возачи, кои управувале возило под дејство на алкохол и 15 останати прекршоци.

Надлежните од СВР-Штип велат дека засилените контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбдноста во сообраќајот.