Македонија
21. July 2017 - 13:59

Пет лица повредени во страотна сообраќајка на патот Тетово-Јажинце

Пет лица се здобиле со повреди а причинета е и материјална штета од околу 150 илјади денари во сообраќајната несреќа што изминатата ноќ околу 2 часот по полноќ се случила на регионалниот пат Тетово-Јажинце пред влезот за селото Слатино, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци во несреќата учествувале две патнички возила „Фолсфаген туран“ со норвешки регистерски таблици што го управувал Р.Ќ. (30) од Слатино, времено вработен во Осло, Норвешка и „Форд транзит“ со тетовски таблици  управуван од Ф.Р. (34) од Слатино.

- Во несреќата двајцата возачи и тројца сопатници од „Фордот“, Е.П. (48),  А.И.(33) и Н.И.( 58 ) од Слатино задобиле телесни повреди и со медицинско возило биле пренесени во тетовската клиничка болница.  По укажаната лекарска помош возачот Р.Ќ. и сопатникот Е.П. задржани се за натамошно лекување. Според првичните сознанија од увидот на местото  причина за несреќата е непочитување првенство додека вкупната материјална штета се проценува на 150 илјади денари изјави Јосифовски.

Заклучно со денеска во јули во Тетово и тетовско регистрирани се вкупно 27 сообраќајни несреќи во кои учесници се возила со странски регистерски таблици управувани од нашинци времено вработени во странство или од нивни блиски. Минатата година во јули имало 33 вакви сообраќајки покажува полициската статистика.