Македонија
16. November 2017 - 16:04

Пет деца заразени во градинка во Карпош од опасен вирус кој може да предизвика воспаление на мозокот

Пет дечиња од градинката Орце Николов во Карпош 2 заболеле од коксаки вирус. Пред два дена во скопскиот центар за јавно здравје заболувањето го пријавила директорката на градинката. Епидемиолозите направиле увид и констатирале дека заразените се од групата јасли. Во објектот била  направена целосна дезинфекција. Откако загрижени родители се пожалиле кај градоначалникот Богоев, тој утрово лично бил во Орце Николов.

-Бев да видам каква е состојбата и ми кажаа дека се преземени сите превентивни мерки и објектот е чист, односно се почитуваат хигиено санитарните услови, вели Стефан Богоев, градоначалник на Карпош.

Вработени во градинката велат дека нема проблем со згрижувањето на децата а некои родители кои ги затекнавме пред објектот и не се запознаени дека има коксаки вирус.

-Не, не сум запознаена, вели родител

Вирусот е препознатлив по осип на раце или нозе и зголемена телесна температура. Може да помине со благи симптоми, но според лекарите доведува и до тешки компликации како воспаление на мозок. Коксаки уште е наречен и болест на нечисти раце. Градоначалникот Богоев најави контрола во сите градинки.

-Наредната недела имам во план да ги посетам сите градинки и училишта во општината и да видам каква е хигиената, таа е најважен услов, вели Богоев.

Вчера и денеска не е регистриран нов случај на коксаки во градинката Орце Николов. И во октомври беа регистрирани неколку случаи во други градинки во градот.

.Надлежните велат дека нема простор за паника и дека надлежните во градинката ги презеле сите неопходни мерки за заштита. За попладне закажале средба со родители на која ќе ја објаснат целат состојба.