Свет
12. August 2019 - 15:38

Пет деца загинаа во пожар во детска градинка во САД

 Американските власти ги истражуваат причините за пожарот што ноќеска пламна во детска градинка во приватна куќа во градот Ери, во сојузната држава Пенсилванија, во кој пет деца ги загубија своите животи, откако биле заробени од пламените јазици во куќата, јавија американските медиуми.

Шефот на противпожарната служба на Ери, Гај Сантоне, изјави дека децата, кои биле на возраст од осум месеци до седум години, спиеле во спални соби на вториот кат од куќата. Тој кажа и дека пожарникарите пристигнале на местото на пожарот за околу 25 минути, кога затекнале „силен оган, што излегувал од сите прозорци на првиот кат, и информации дека на вториот кат има заробени деца“.

-Пожарникарите веднаш почнаа да го гаснат огнот, а друга група во куќата упаднаа странично, качувајќи се во спалните соби на вториот кат, изјави Сантоне за дописникот на Еј-БиСи њуз.

„Успеавме да извадиме пет помали деца, но, за жал, сите починаа“, рече тој .

Илејн Харис, жената која ја имала градинката во својата куќа, избегала од огнот и се обидела да стигне до болница, но по пат имала судар и со повреди била префрлена во Питсбург.

 

Сантоне за „Њујорк Тајмс“ изјави дека една од жртвите е дете на Харис, а останатите четири се браќа и сестри, веројатно оставени преку ноќ во градинката од родители кои работиле во ноќна смена.

 

Две момчиња, за кои се тврди дека се  синови на Харис, се здобиле со полесни повреди, откако скокнале од прозорците на горниот кат од двокатната куќа.

Сантоне додаде дека истрагата оди во правец за „електрична искра“ како причина за пожарот, но призна дека се уште не го завршиле случајот.