Свет
10. October 2016 - 9:04

Песков: Продолжуваат подготовките за посетата на Путин во Париз

Рускиот претседател Владимир Путин и понатаму планира да ја посети Франција кон крајот на месецов, иако францускиот претседател Франсоа Оланд истакна оти не е сугурен дека ќе го прими, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. 

- Подготовките за посетата на Путин во Париз продолжуваат, нагласи Песков. 

Претходно, Оланд ја осуди Русија велејќи дека е неприфатлива нејзината поддршка на сириските сили, како и дека не знае дали ќе се состане со Путин ако тој пристигне во Париз на 19 октомври. 

Во меѓувреме, Русија на 8 октомври стави вето на француската нацрт-резолуција во Советот за безбедност на ОН, со која се бара прекинување на воздушните напади и воени летови над Алепо. 

Француската нацрт-резолуција за Сирија во Советот на безбедност на ОН во значителна мерка ја „искриви“ ситуацијата, соопшти руското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека нацртот е едностран.