Свет
18. December 2017 - 14:25

Песков: Американската дојава за терористички напад е идеален пример за соработка

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека дојавата на САД за планираниот напад во Санкт Петербург помогнала да се спасат многу животи, како и дека Русија и САД треба да настојуваат на ист начин да соработуваат и во иднина.

- Тоа не може да се нарече никако поинаку освен идеален пример за соработка во борбата против тероризмот. Ние треба да тежнееме кон такви стандарди, рече Песков.

Американските разузнавачки агенции на време ја предупредиле Русија дека се планира голем терористички напад во Санкт Петербург, нешто што на Москва и овозможи да спречи напад во кој би можеле да загинат „голем број на луѓе“,соопшти синоќа Белата куќа, нагласувајќи го како „добар пример за соработка меѓу двете земји“.

- Рускиот претседател Владимир Путин вчера му се јави на претседателот Доналд Трамп за да му се заблагодари за навременото предупредување кое американските разузнавачки служби и го пренеле на Русија, а кое се однесува на планиран голем терористички напад во Санкт Петербург, се вели во соопштението на Белата куќа.

Путин и Трамп два пати телефонски разговараа во изминатите три дена.

- Претседателот Трамп го цени повикот од Путин и рече дека тој и целата американска разузнавачка заедница се многу задоволни што помогнале да се спасат толку животи. Трамп го истакна значењето на разузнавачката соработка за да се поразат терористите каде и да се. Двајцата лидери се согласиле дека ова е пример на позитивни работи кои можат да се случат кога нашите земји соработуваат, се истакнува во соопштението на Белата куќа.

Белата куќа се огласи откако Кремљ соопшти дека претседателот на Русија Владимир Путин во телефонски разговор му се заблагодари на Трамп за информацијата која помогна за апсење на терористи кои планирале да извршат бомбашки напади во Казањската катедрала во Санкт Петербург и други места на кои се собираат многу луѓе во вториот по големина град во Русија.

- Рускиот претседател му се заблагодари на американскиот колега на информацијата која со нас ја подели Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на САД со чија помош е следена, откриена и притворена група терористи кои планирале експлозии во Казањската катедрала во Санкт Петербург и на други места во градот на кои се собираат многу луѓе, соопшти прес службата на Кремљ.

Според Путин, информацијата од ЦИА била доволна да се откријат и притворат криминалците и побарал од од Трамп да му се заблагодари на директорот на ЦИА Мајк Помпео и разузнавачите кои дошле до оваа информација.

Кремљ соопшти дека рускиот лидер го уверил претседателот на САД дека „руските  безбедносни служби, доколку дојдат до информација за можни терористички закани за САД и нивните граѓани, брзо и без условување ќе го поделат тоа со американските колеги преку партнерски канали“.

Трамп после разговорот со Путин му се јавил на директорот на ЦИА Мајк Помпео да му ја пренесе благодарноста и честитките за него и за неговите луѓе, како и на целата разузнавачка заедница за добро завршената работа.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во петокот соопшти дека во Санкт Петербург уапсила седум членови на ќелија на Исламска држава, кои планирали претстојниот викенд да извршат повеќе терористички напади на јавни места во градот.

Руските медиуми јавуваат дека во телефонскиот разговор не е дискутирано за средба меѓу Путин и Трамп.