Македонија
6. March 2016 - 14:48

Пешевски:За две години со два владини проекти вработени се околу 22 илјади лица

Заменик - претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски денеска оствари работна средба со стопанственици во Куманово, а имаше и средби со граѓаните во централното градско подрачје.
 
Вицепремиерот Пешевски ја посети фирмата „Алфи Би компани“ лоцирана во населбата „Карпош“ во Куманово, која е една од компаниите лидери во североисточниот регион во делот на трговијата и малопродажбата. Во компанијата, информираше вицепремиерот, вработени се околу 60 лица, од кои 25 се инвалидизирани.
 
- Ова е една од компаниите кои ги користи бенефициите кои што ги дава Законот за вработување на инвалидизирани лица и убаво е да се види како една компанија од ваков тип се грижи за оваа социјално погодена група, изјави Пешевски.
 
Владата на Република Македонија во изминатите години, рече Пешевски, преку овој закон има стимулирано и креирано над 2.000 вработувања, токму за инвалидизираните лица.
 
Тој посочи дека вкупната помош за нив и за компаниите кои ги вработуваат од 2007 година досега изнесува 22 милиони евра.
 
- Како Влада ќе продолжиме со реализирање на оваа и слични мерки, со цел и оваа група на погодени лица да си најдат една социјална сигурност, нагласи вицепремиерот Пешевски.
 
Во изминатите две години, потсети Пешевски,спроведени се низа на проекти за зголемување на вработувањето во државата.Тој ја посочи програмата за вработување на млади лица до 29 години и проектот „Македонија вработува“.
 
- Само во изминатите две години врз основа на овие два проекти, во Македонија се вработени околу 22.000 лица, што навистина е едно солидно постигнување, особено со проектот „Македонија вработува“ кој завршува сега во април. Јас би ги повикал компаниите да ја искористат можноста, да сите оние групи на невработени лица кои што ќе добијат бенефит и компаниите ако ги вработат овие лица, да се искористи оваа можност, бидејќи мерките се така дизајнирани да компаниите и долгорочно обезбедат вработување за овие лица, изјави Пешевски.
 
Вицепремиерот Пешевски најави дека е донесена одлука за формирање технолошко индустриска развојна зона во Куманово, што ќе биде со големина од 25 до 30 хектари.
 
- Ќе биде во близина на пресечната точка на коридорите 8 и 10 и тука во соработка со министрите за странски инвестиции, Агенцијата за странски инвестиции, ќе направиме напор во следниот период, откога ќе се изгради зоната да има барем 4-5 нови фабрики и конечно и за Куманово да се направи еден значителен исчекор во отварање на нови работни места ,но на помасовна основа, изјави Пешевки.
 
Тој посочи дека денеска ќе посети неколку локации каде има инфраструктурни проблеми,со цел,како што истакна, да бидат решени односно да биодат ставени во владината програма.