Бизнис
20. September 2018 - 21:02

Пензионерите најверојатно нема да се регистрираат во УЈП

Министерот за финансии поддржува решение со што пензионерите кои немаат дополнителни приходи ќе се ослободат од обврската да се регистрираат во системот на УЈП. Иако новиот начин на поднесување даночни пријави треба да ги олесни процедурите, сепак за многумина електронскиот начин на регистрација претставува проблем. Од Владата претходно најавија и дека ќе се формирале тимови кои ќе работат на терен да им помогнат на тие што неможат сами да се регистрираат во системот.

“Мислам дека УЈП ќе може да најде нешто посебно за овие пензионери, луѓе во години за да им излезе во пресрет. Работат на решение. Тоа е работа на УЈП, но лично јас апсолутно поддржувам за пензионерите да се најде нешто да немаат обврска да одат во УЈП”, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Новиот систем предвидува Управата да ги изготвува годишните даночни пријави и електронски да ги доставува до секој корисник, кој пак треба да потврди дали пресметката е точна. Но, за тоа да функционира неопходно е секој граѓанин да има електронска пошта пријавена во УЈП.