Бизнис
23. January 2019 - 19:29

Пензиите помалку ќе растат за да не се зголеми границата за пензионирање, пензионерите револтирани

Пензиите помалку ќе растат за да не се зголеми старосната граница за пензионирање, вели министерката за труд. Со законските измени усогласување ќе има два пати годишно согласно растот на трошоците на живот. Покачувањето на просечната плата веќе нема да се зема предвид. Доколку растот на економијата е над 4% ќе има и дополнително усогласување во април наредната година.

“Со целиот пакет на реформа во пензискиот систем постигнавме да нема замрзнување на пензиите. Ако ги отворите извештаите на Светска Банка, една од препораките е замрзнување на пензиите. Тоа не го направивме. Затоа направивме стопроцентно усогласување со трошоците на живот. И дополнително велеа дека е задолжително да ја поместиме границата на 67 години. Тоа не го направивме”, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Пензионери сметаат дека растот на пензиите ќе биде минимален и најмногу ќе ги погоди тие со најниски примања. Предупредуваат дека социјалната помош ќе биде повисока од голем дел од пензиите. Министерката за труд вели дека нема споредба меѓу тие две категории бидејќи пензијата е индивидуално примање, а социјалната помош од околу 11.000 денари е пакет наменет за четиричлено семејство.