Свет
5. February 2023 - 10:41

Пентагон потврди дека кинескиот балон бил соборен во водите кај Јужна Каролина

Американски борбен авион од типот „Ф-22“ го собори кинескиот балон што неколку дена леташе над САД и неприфатливо го наруши американскиот суверенитет, синоќа соопшти Министерството за одбрана на САД.

-Попладнево, по наредба на претседателот Бајден, американски борбен авион (...) собори шпионски авион на голема височина, лансиран од Народна Република Кина, во воздушниот простор над водите во близина на брегот на Јужна Каролина, соопшти министерот за одбрана Лојд Остин.

„Џо Бајден секогаш безбедноста на Американците ќе ги направи свој приоритет и на тој начин ефикасно ќе одговори на неприфатливото кршење на нашиот суверенитет“, се додава во соопштението, пренбесено од француските медиуми.

Американската војска синоќа соопшти дека ќе се обиде брзо да ги пронајде клучните компоненти на кинескиот балон за набљудување меѓу остатоците во близина на брегот на Јужна Каролина, откако беше соборен од борбен авион Ф-22.

-Потрагата е во тек. Колку таа ќе трае допрва треба да се  утврди, изјави висок претставник на американската одбрана, додавајќи дека остатоците се наоѓаат во релативно плитки води.

Висок воен функционер рече дека очекува дека повторното составување на балоните нема да трае со недели или месеци, туку ќе биде релативно брзо.

Балонот беше откриен во средата над сојузната држава Монтана, каде 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави се складирани во воена база на северот, а Пентагон соопшти дека претседателот го одобрил уривањето уште истиот ден.

„Претседателот Бајден во средата издаде овластувања за уривање на шпионскиот балон веднаш штом ќе се исполнат условите мисијата да се изврши без да се загрозат животите на Американците“, додаде Остин.

Претходно вчера Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа, соопштувајќи дека станува збор за истражувачки балон што скршнал од рутата поради „виша сила“ и ги обвини американските политичари и медиумите за искористување на ситуацијата за да ја оцрнат Кина, пренесоа британските медиуми и додадоа дека претставник на американската одбрана објаснил дека кинескиот балон е дел од надзорната флота балони кои вршат шпионажа на пет континенти.

-Кинескиот балон не беше метеоролошки балон, туку шпионски балон со задача да добие податоци за чувствителни воени локации, изјави претставник на американската одбрана.

Американската федерална управа за авијација (FAA) објави дека сообраќајот е обновен на три аеродроми во Јужна Каролина: Вилмингтон, Миртл Бич и Чарлстон, откако претходно сообраќајот беше прекинат „од безбедносни причини“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен оцени дека упадот на „надзорен балон“ во воздушниот простор на САД е „неприфатлив“ и „неодговорен“ и ја откажа посетата на Пекинг планирана за недела.

Пентагон во петокот соопшти дека и втор кинески балон е забележан во Латинска Америка, но не ја прецизираше точната локација.

И САД и Кина со децении користат сателити за набљудување за да се следат едни со други од воздух.

„На некој начин, тоа е повеќе аматерски“, рече поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон. „Дали камерите на нивните сателити немаат доволно висока резолуција за да мора да испратат балон?

Вревата околу балонот доаѓа додека Кина ги зајакнува своите воени способности и го предизвикува американското воено присуство во Пацификот.

САД, исто така, веруваат дека Пекинг се обидува да добие комерцијални информации и да земе знаење од американските компании.