Свет
5. October 2015 - 14:23

Пентагон нема план за одбрана од Путин

Јутарњи лист - Загреб

Првпат по распадот на Советскиот Сојуз, Министерството за одбрана на САД ги обновува своите планови за вооружен судир со Русија, дознава угледното списание „Форин Полиси“.

Подготвителните планови за судир со Русија се запоставени по 1991 година, кога Русија повеќе не беше закана за НАТО. Во годините кои следеа, Русија се повеќе и соработуваше со САД, додека поранешните држави на Варшавскиот пакт пристапуваа во НАТО, па Пентагон не гледаше потреба за ажурирање на своите планови за судир со Русија.

Но, по руската анексија на Крим и окупацијата на источна Украина, САД сфатија дека иден судир со руските сили е сосема можен.

- Со оглед на безбедносното опкружување, гледајќи ги Руските акции, стана очигледно дека мораме да ги обновиме плановите кои ги имаме за одговор, во случај на потенцијална агресија на било кој НАТО сојузник, изјави за ФП висок функционер на Пентагон.

Балтикот најверојатна мета

Новите планови имаат две насоки. Една се фокусира на тоа што можат САД да направат ако Русија нападне една земја-членка на НАТО, а друга на можностите на американската авијација надвор од земјите на НАТО. Двата сета на планови се фокусираат на балтичкиот регион, што Пентагон го смета за најизгледно сценарио на нова руска агресија.

Воените аналитичари помало внимание придаваат на класичното војување и се фокусираат на хибридни тактики кои Русија ги користи на Крим и во источна Украина: војници без ознаки, мали зелени, наместени демонстрации и кибер војување.

По распадот на Советскиот Сојуз, Русија стануваше се поповрзана со НАТО. Москва се приклучи на програмата „Партнерство за мир“ во 1994 година. Во јуни 1997 година, Русија со НАТО потпиша детален договор за взаемна соработка: заеднички воени вежби, редовни консултации, дури и отварање на НАТО транзитни точки во Русија за воена опрема која се превезуваше во Авганистан.

По војната меѓу Русија и Грузија во 2008 година, НАТО ги ажурураше своите планови поврзани за можните руски акции, но Пентагон не го направи тоа. Ставот на американските аналитичари во тоа време беше дека Михаил Сакашвили, тогашниот грузиски претседател, ги испровоцирал Русите и дека одговорот на Путин бил изолиран случај.

Сите сметаа дека Русија не претставува никаква закана. Дојде до компликации и Русија влезе во Грузија.

- Никој не очекуваше дека нешто такво повторно ќе се случи, рече Џулија Смит до неодамна советничка на потпретседателот за безбедност.

Администрацијата на претседателот Барак Обама продолжи да ги подобрува односите со Русија, со која соработуваа на нуклеарно разоружување и вселенските летови. Имаше неколку моменти каде дојде до тензии, но Русија не беше ни закана, ниту приоритет.

- Понекогаш беше вистинско губење време, но никогаш закана, рече еден поранешен висок дипломат.

Инвазија на „малите зелени“

Дури во април 2014 година, Путин ги шокираше Пентагон и Белата куќа, со своите „мали зелени“ на Крим и во источна Украина.

- Немавме план за тоа, бидејќи не сметавме дека Русија ќе ги менува границите на Европа. Крим беше изненадување, рече Дејвид Охменк, тогашен помошник министер за одбрана за развој на силите.

Во јули 2014 година, американското воено воздухопловство го замоли Охменк за мислење за руското соседство. Во исто време, копнената војска замоли еден негов колега од институтот Ранд и заедно спроведоа вежба „плоча на маса“, вид на воена игра меѓу два тима: црвените Русија и сините НАТО.

Сценариото беше слично на тоа кое се одви на Крим и во источна Украина: зголемен политички притисок на Русија во Естонија и Летонија (две членки на НАТО во кои живее голем процент на руско малцинство), по што следи појава на провокатори, демонстрации и заземање на државните институции.

- Нашето прашање беше: Дали НАТО може да ги одбрани тие земји?. се сеќава Охменк. Резултатите беа поразителни. Дури и кога сите формации на НАТО би биле пратени на Балтикот, дури и кога САД би ја мобилизирале 82. падобранска дивизија, руските трупи се уште би биле двојно побројни.

- Немаме доволно војска во Европа, Исто така, останува фактот дека Русите имаат најдобри проектили земја-воздух на светот и не се плашат да користат тешка артилерија, заклучи Охменк.

По осум часа испробување на различни сценарија, заклучокот беше депресивен: - Не би можеле да го одбраниме Балтикот.

Вториот ден се обиделе повторно, со претпоставка дека НАТО почнал да ја подобрува својата распределба на силите во Европа. Резултатот бил малку по позитивен, но не многу.

- Би можеле да ги одбраниме главните градови, можеме Русија да ја соочиме со проблеми и можеме да спречиме брзо освојување, но динамиката останува иста.

Руската доктрина наведува на нуклеарно оружје

Дводневната вежба Охменк ја повторил осум пати, со висок воен персонал.

- Одигравме 16 пати со осум различни тимови. Секој пат со ист резултат. Високиот функционер во Пентагон тврди дека анализата на Охменк е земена предвид.

- На крајот на приказната, не се сомневам дека НАТО ќе победи и дека ќе ја вратиме територијата на било која членка, рече тој. - Не можам да гарантирам дека ќе биде лесно и без ризици. Моја работа е да се погрижам да го намалиме тој ризик, додава тој.

„Форин Полиси“ потенцира дека моментно, Пентагон нема ниту едно сценарио во кое Русија прво не би зграбила дел од балтичките територии. Сегашната цел е обесхрабрување; САД праќа десетици тенкови, оклопни возила и хаубици на Балтикот и во источна Европа. Ако таа цел пропадне, следната е макотрпно ослободување на териториите на НАТО.

Пентагон денес разгледува и разни хибридни сценарија, дури и нуклеарни.

- Ако ја погледнете објавената руска доктирна, верувам дека луѓето размислуваат за користење на тактичко нуклеарно оружје на начин на кој не се размислувало со години. рече високиот функционер.

- Нивната доктрина јасно го наведува и би било неодговорно да не се размислува за тоа, смета тој

Сакаат пријателство со Русија

Многу луѓе во Пентагон се многу незадоволни од плановите за судир со Путин. Биле среќни кога соработувале со него и чувствуваат дека Русија е само свртување од вниманието од вистинската закана, а тоа е Кина.

- Сакаме да бидеме партнери со Русија. Тоа е пат кој ни е помил. Нас ни е од корист, користи и на Русија и во корист е на остатокот од светот, рече високиот функционер.

- Но, како Министертсво за одбрана не сме платени да го гледаме светот преку розеви очила, поради тоа мора да бидеме подготвени во случај да сме погрешиле по прашањето за Русија и да имаме план што да правиме ако Русија стане директен противник, вели тој.