Свет
3. November 2015 - 21:38

Пентагон: Американските и руските пилоти имаа триминутен тест на безбедносните протоколи

Пентагон соопшти дека денешното заедничко дејствување меѓу американските и руските авиони над Сирија не е воена вежба туку триминутен тест на неодамна договорените протоколи за безбедност.

Претходно, началникот на Главната оперативна управа на рускиот Генералштаб, генерал-полковник Андреј Картаполов изјави дека руски и американски воени пилоти имаа воена вежба над Сирија, во која учествуваа пилотите од Центарот за стратешки воздушни операции на американската армија во Катар и од Командниот центар на руската авијација на руската авиобаза Хмејмим во Сирија.

- Екипажите на авионите на руското военовоздухопловство и на меѓународната коалиција летаа на минимално безопасно растојание од околу 5,5 километри во специјални избрана зона, договорија меѓусебна комуникација, како и размена на информации за параметрите на летовите на руски и на англиски јазик, наведе Картаполов.

Тој додаде и дека е договорена директна врска меѓу командните центри.

САД и Русија минатиот месец договорија мерки за безбедност со цел да се избегнат судири над Сирија за време на паралелните воздушни кампањи.