Македонија
10. May 2021 - 16:50

Пендаровски - Зурабишвили: Само истрајноста може да даде резултат во остварување на целите

Тврдоглавост, упорност и оптимизам. Македонија и Грузија мора со овие карактеристики да ги надминат пречките кон членство во ЕУ, како две земји кои се соочуваат со сериозни тешкотии на европскиот пат. За ова се согласија шефовите на државите Пендаровски и Зурабишвили, при првата посета на еден грузиски претседател на Македонија.

Последниот предизвик - како да се натераат европските челници да не дозволат раздвојување на пристапниот процес за Македонија и Албанија, можност која ја најави еврокомесарот Вархеи.

Пендаровски уверува дека засега, нема такви најави.

“Тој зборува за тоа ако спорот се одолговлекува години и години како со Грција. Ве уверувам дека во мојот разговор со него и во моите разговори во Брисел од пред 10-тина дена, апсолутно на ниту едно ниво, од ниту еден мој соговорник  не ми беше поставено тоа прашање – што мислиме за евентуално раздвојување од Албанија”, вели Пендаровски

Македонија претходно надмина поголема пречка, што ме прави сигурна дека ќе ја надмине и блокадата од Бугарија. Зурабишвили вели - Грузија нема да се обесхрабри од македонскиот случај, напротив, евроатлантскиот пат на земјава го гледа како поттик.

“Ние помалите земји во минатото сме биле многу издржливи и сме сведочеле на многу историски настани, инвазии и окупации во изминатите векови. Учиме дека треба да бидеме издржливи и тврдоглави. Треба да ја знаеме насоката во која одиме. Мислам дека ние помалите земји треба да бидеме оптимисти. За Грузија, приемот на Македонија во НАТО е силен сигнал дека вратата на НАТО е навистина отворена, а не само на зборови”, рече Зурабишвили.

Директен повод за посетата на Зурабишвили, која со највисоки државни и воени почести беше пречекана во Вила Водно, беше потпишувањето на Договорот за безвизен режим меѓу двете земји, како и Меморандумот за соработка од областа на културата.

Двајцата претседатели попладнето се поклонија и на гробот на Гоце Делчев во црквата Св.Спас во Скопје.