Македонија
4. July 2019 - 16:09

Пендаровски ставил потпис на одлуката за ново име на АРМ

АРМ официјално станува АРСМ. Претседателот Пендаровски информираше дека вчера ја потпишал одлуката со која АРМ се преименува во Армија на Република Северна Македонија.

-Тие можат комотно да одат во некои следни набавки за на следните униформи да ги имаат новите знаци. Какви ќе бидат – тоа ќе биде низ внатрешна процедура. Меѓутоа, името на Армијата е Армија на Република Северна Македонија и тоа од вчера е на правна основа, на правен начин регулирано од моја страна, од Врховниот командант, рече претседателот Пендаровски.

Врховниот командант ги посети припадниците на Армијата стационирани на јужната граница и привремениот транзитен центар „Винојуг“. Надлежните старешини го информираа за состојбите во кампот, каде во моментот претстојуваат 31 мигрант. Пендаровски вели дека не се размислува за повлекување на војниците од границата, иако мигрантската криза заврши пред три години.

-Од она што го чувме на брифингот од надлежните старешини и овде и во транзитниот центар нема никакви индикатори дека бројката на илегалните мигранти и бегалци се зголемува. И тоа добро е што сме подготвени и ако има зголемување на таа бројка, да ги пречекаме, се разбира, низ процедури и во соработка со Меѓународната организација за миграција, вели Пендаровски.

Пред неколку денови Кабинетот добил конечна писмена оценка и квалификација од страна на Антикорупциска во врска со дел од спорните укази на неговиот претходник, Иванов.  Пендаровски очекува во текот на оваа недела да постапи за овие случаи.