Македонија
14. April 2019 - 17:11

Пендаровски: Само еден е патот кон прогрес и води преку ЕУ и НАТО

 Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство зад нас. Обезбедена и сигурна држава, партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи. Оние кои мислат дека без НАТО и Европската Унија можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, од социјалната сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лажат себеси. Од осамостојувањето до денес само еден е патот кон прогрес и води преку ЕУ и НАТО, рече кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на денешниот централен митинг во Скопје.

Немаме, посочи тој, повеќе генерации за губење и затоа нема да и дозволиме на политичката опозиција да не врати од патот по кој чекориме.

-На сите оние кои сакаат да не вратат назад мора да им порачаме дека не само што нема да се враќаме назад, туку сите заедно ќе одиме напред. Не барам поддршка само да станам претседател, туку барам поддршка за концептот на иднината, концептот едно општество за сите. Ова не се само обични избори за претседател, на овие избори избираме опција да продолжиме напред кон иднината, рече Пендаровски.

Со години, како што посочи, чекоревме по овие улици со надеж и верба дека ќе се ослободиме од стегите на режимот, кои ја гушеја слободата, ја кршеа демократијата и ја заробија државата. – Денеска ги фрливме стегите на режимот и сега чекориме по патот на евтоинтеграцијата, кон економскиот развој и севкупниот општествен напредок. На тој пат не сме осамени. Околу нас илјадници други стапки го чекорат истиот пат по кој одиме. И денес исто како во изминатите три години одиме заедно напред, рече Пендаровски.

 

Истакна дека за него не е важно од која националност се граѓаните, од која верска припадност, каква е нивната социјална состојба и дали се дел од власта или од опозицијата бидејќи, како што додаде, важно му е сите да имаат правда. -Вашата правда е и моја правда, но вашата неправда ќе биде и моја грижа, рече Пендаровски.

Пред присутните на митингот Пендаровски се обврза дека ќе води политики на заедништво, а не на поделби. – Имам намера да помирувам, не да разгорувам конфликти. Како претседател неуморно ќе работам на довршување на нашето членство во НАТО, да бидам предводник за членство во ЕУ. Моето делување нема да се заснова на непостоечки митови и реконструирани легенди, туку на реална современа политика на интеграција, рече Пендаровски и додаде дека е подготвен да биде претседател во вистинската смисла на зборот и затоа во неговата програма објавил осум клучни проекти, кои ќе започнат во првите осум месеци од неговиот мандат.

Во својот говор се осврна и на потпишаните договорите со Бугарија и со Грција, со кои, како што  рече дадовме пример и за регионот и за светот, бидејќи се затворија децениски отворени прашања во интерес на државата, во интерес на граѓаните и во интерес на иднината.

Говорејќи за својот противкандидат Гордана Силјановска-Давкова, рече дека таа ниту сака, ниту може да биде претседател на сите граѓани, бидејќи единствено сака да биде наследник на Ѓорге Иванов.

Во своето обраќање лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев рече „заврши времето на криминалци и заштитници на криминалот“.

– Република  Северна Македонија ќе добие претседател за кого иднината на државата не е авантура, туку должност, а тој не е заталкан патник туку водач. Ги победивме поделбите, омразата, конфликтите и немирот. Европа аплаудира, а граѓаните сакаат да продолжи нашата политика да се оди напред. Новиот претседател ќе биде човек кој сака, може и мора да влече напред – тоа е Стево Пендаровски, рече Заев на централниот митинг  во главниот град.

 

Веќе сме, рече лидерот на СДСМ, дел од НАТО и до крајот на годината ќе бидеме 30-та рамноправна членка. -Одиме кон ЕУ и очекуваме, нагласи,  таа да ги вреднува реформите дома и добрососедските односи и летово да добиеме датум за почеток на преговори за кои сериозно се подготвуваме.

– Ветрот на промените дува веќе две години. Откога одлучивме кормилото на нашиот заеднички брод да го насочиме заедно напред независно од каква било различност, се здруживме, се сплотивме, тргнавме напред. Застанување нема. Одиме напред со Стево Пендаровски. Не беше лесно, но се обединивме против режимот. Решивме и почнавме да градиме едно општество за сите. Седнавме со соседите и ги решивме најтешките прашања. Влеговме во сериозни реформи и воспоставивме правна држава, шанса за сите. Не беше лесно.  Нашите заеднички успеси се мелем на нашите рани од мрачното минато. И никој, ама баш никој, нема да може, ниту ќе дозволиме да не враќа назад,  истакна Заев.

 Лидерот на СДСМ и премиер зборувајќи за успесите во економијата рече дека ветрот ќе биде засилен уште повеќе за тие бројки да станат двојно поголеми за да ги почувствува народот. Притоа вети  над 500 евра просечна плата во 2020 година.

На критиките од опозицијата, Заев одгвоори дека идентитетот е зачуван и „забетониран“, дека сме, како што рече, горди Македонци кои зборуваат македонски јазик признат од целиот свет.

Направи споредби со другите двајца кандидати – за Блерим Река рече дека не е заеднички кандидат за сите граѓани, туку на една етничка заедница, а Пендаровски е поддржан од 31 партија, од сите етнички заедници и политички определби.

За Силјановска-Давкова, пак, рече дека не е за едно општество за сите, дека не е заеднички кандидат, туку е „претставничка на само еден човек – на Мицкоски кој е претставник на криминалецот Груевски“.

-Стево е граѓански кандидат, човек со интегритет, борец за правдата.Со кого во НАТО и ЕУ, ако не со човек кој обединува и влече напред во просперитет, а не назад во мрачното минато. Стево Пендаровски е развој, Гордана Силјановска е застој. Таа не е решение на проблемот – кочничарот  Ѓорге Иванов, туку нов проблем.  Таа продава лажен морал, рече Заев и праша зошто како министер во 1990-тите не направила нешто со транзицијата за која зборува и зошто оставиле оваа влада да го реши проблемот со 10.000 стечајци.

Во обраќањето Заев го повика Мицкоски јавно да се огради од политиката на својот претходник Никола Груевски затоа што, рече, „збор не слушнавме од Мицкоски и Силјановска за 11 години владеење за менторот Груевски“.

– Нека биде доблесен и нека каже какво беше владеењето, дали имало правда, рекети, притисоци, имаше ли демократија…? За атер на образот кој вели му бил чист, нека ја каже вистината… Ако е доблесен, ќе рече се срамам од мојот претходник, а ако сака нека додаде – ова е новото ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.

Митингот се одржа пред Делегацијата на ЕУ,  а му претходеше марш по улиците во центарот на Скопје. Собирот почна со обраќање на ракометарот Наумче Мојсоски, кој  рече дека оваа земја има тешки натпревари пред себе со високи цели и со големи успеси. Рече  дека Стево е вистинскиот играч и „ќе го остави срцето на терен за оваа земја“.

Се обрати и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, според кого Пендаровски е предвесник на нашата европска иднина и симбол на внатрешната интеграција кој, како што рече, ќе обединува и во добро, и во лошо.