Македонија
15. May 2020 - 17:53

Пендаровски прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена

Претседателот Стево Пендаровски денеска прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена. На прес-конференцијата по седницата на Советот за безбедност, тој потенцира дека новата вонредна состојба ни е потребна исклучиво за справување со економските ефекти поврзани со Ковид-19, како и за заокружување со здравствените одговори на пандемијата.

– По широките консултации што деновиве ги имав со повеќе експерти и со советниците во Кабинетот, а врз основа пред се од кажаното и предложеното на седницата, одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на пандемијата сметам дека 14 дена се доволни. Причина за ваквата одлука е имплементирање на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата што сега се чувствуваат поради фактот што огромен број на фирми не работеа и се уште не работат, образложи претседателот на државата.

Пендаровски додаде дека бил информиран оти кон крајот на месецот треба да склучиме аранжман со ЕБРД во висина од 160 милиопни евра.

– Веројатно најважна причина за оваа одлука беше и тоа што на таков начин и се овозможува на Владата да продолжи преку уредбите со законска сила да му овозможува на целокупниот здравствен сектор поуспешно да се справува со пандемијата, рече Пендаровски.

Во однос на информациите дека Владата вонредната состојба може да ја користи за поткуп на гласачите, шефот на државата рече дека барем во однос на аранжманот со ЕБРД, тоа не е можно.

– Тоа се строго наменски средства и се за поддршка на стопанството. И ако некој воопшто има таква намера, тие средства не можат да бидат пренаменети за изборен поткуп. И за евентуални злоупотреби и на ова што досега беше активност на Владата во вонредна состојба, уредбите со законска сила, и она што ќе биде донесено понатаму во следните 14 дена, за тоа постои Уставен суд. Знаете дека дел од тие уредби ги прогласи за неуставни и донесе времени мерки за стопирање на нивното дејствие, се разбира постои и антикорупциска и ред други државни органи кои можат да проверат дали тие уредби со законска сила се за справување со пандемијата или имаат некоја сосема друга мотивација, истакна Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека траењето на вонредната состојба од 14 дена нема никаква корелација со датумот за избори. Тоа е посебна тема која, како што кажа, ќе се дискутира на следната лидерска средба на почетокот на идната недела.

Осврнувајќи се на, како што рече, многубројните реакции од граѓани на мерките за справување со коронавирусот, а се на пример поврзани со ограничувањето на движењето, затворањето на школите и градинките или на стопанските субјекти, Пендаровски потенцира дека тие не се на ниеден начин поврзани со декларирањето на вонредната состојба.

– Поинаку кажано, дури и во вонредна состојба тие можат да бидат укинати, рече Пендаровски.

Притоа претседателот на државата побара од Владата да размисли за постепено намалување на рестрикциите на движењето на граѓаните и во однос на работата на стопанските субјекти.

Советот за безбедност, како што рече Пендаровски на прес-конференцијата, заклучил дека надлежните институции работат координирано со сите капацитети и ресурси за справување со пандемијата. Ситуацијата е подобрена во споредба со претходниот период и оти евидентно е дека стратегијата за справување со коронакризата дава резултати што укажува на тоа дека како држава добро се справуваме со коронакризата. Членовите на Советот биле информирани за планот за релаксирање на мерките по фази и за димензионирање на безбедносните протоколи што се уште се работат за некои стопански дејсноти. На седницата бил разгледан и извештајот на Владата за спроведување на вонредната состојба прогласена на 17 април, а премиерот Спасовски го образложил предлогот на Владата за повторно прогласување на вонредната состојба во траење од 30 дена.

На седницата на Советот за безбедност присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Оливер Спасовски, министрите за внатрешни и за надворешни работи, Наќе Чулев и Никола Димитров, професорите Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ, како и претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски.

Втората триесетдневна вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот завршува на утре, а беше прогласена на 17 април.