Македонија
12. August 2020 - 11:43

Пендаровски пресече: Ќе додели мандат за Влада

Претседателот Стево Пендаровски пресече до петок ќе го додели мандатот за составуавње на Влада, независно од ставот на претседавачот и поранешниот претседател на парламентот Талат Џафери дека тоа нема да биде уставно. Пендаровски како што соопштуваат од неговиот кабиент, се консултирал со експерти и заклучил дека парламентот е конституиран уште на 4 август и дека тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот.  

Спротивно на ова Џафери, како претседавач, не го известил шефот на државата дека парламентот е конституиран бидејки конститутивната седница не е затворена и не е направен избор на претседател на Собранието. Според Џафери тоа било клучно, бидејќи повратното известување на Пендаровски дека доделил мандат треба да го достави до собранискиот спикер, а тој не бил избран.

Без да прецизираат на кого ќе го испратат известувањето дека мандатот е доделен, од кабиентот на Пендаровски коментираат:

„Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции.“

 

Катерина Нешкова