Македонија
25. November 2022 - 19:52

Пендаровски им додели признанија на седуммина успешни млади за нивната работа

Образование без стратегија, неспособност да се препознае потенцијалот и талентот, одливот на  младите луѓе, на сето ова треба да работи државата за да има иднина, порача претседателот Пендаровски на доделувањето на признанијата Успешни млади за 2021. 

-Еден од нашите најголеми предизвици е незавидната состојба во која со децении се наоѓа образованието и науката во Северна Македонија. Честите реформи на образованието и минималните вложувања во истражувањето и развојот резултираа со ниски резултати на многу евалуации во меѓународни рамки. Никогаш нема да дознаеме колку надарени ученици и студенти биле испуштени или превидени од нашиот образовен систем, или, колку млади образовани луѓе имаат заминато во развиени земји каде што нивниот талент и труд се единствен критериум за личен успех и кариерно напредување.

Оваа година се наградени седум младинци, истакнати во своите области, а во категорија млад талент признанието му е доделено на најмладиот Македон Димитровски, а за особен успех во инклузијата на Нина Костовска.

За општествени науки признанието го доби Виктор Стојкоски, за хуманистички науки Иван Антоновски. Во областа на математиката и техниката награден е Андреј Ристески, за медицината Гордана Георгиева, а добитници се и средношколецот Алексиј Тасиќ и актерката Наталија Теодосиева. 

Годинава аплицирале вкупно 45 кандидати во седум категории, а изборот го направи посебна комисија. Признанието, веќе трета година по ред, се доделува на млади до 35 години.