Македонија
26. April 2019 - 8:56

Пендаровски и Силјановска за вториот круг со исти пораки, ги убедуваат неопределените

Кандидатите за претседател на државата Стево Пендаровски и Гордана Силјаноска-Давкова на соочување на Македонската радио-телевзија на која ги спротивставија своите аргументи, синоќа кажаа зошто сметаат дека треба да ја добијат довербата на гласачите во вториот круг.

Пендаровски рече дека затоа што ќе се залага за два столба – внатрешна меѓуетничка и меѓуграѓанска кохезија што ќе ги надмине досегашните делби и неслога, што, пак, ќе доведе до вториот столб – просперитетна, стабилна и целосно евроинтегрирана држава. Силјановска рече дека во фокусот на нејзината програма е владеење на правото и правдата, дека ќе се залага за граѓанско мултуикултурно општество, европски стандарди и дека ќе стори сè за државата да стане демократска и пристојана во која ќе владее правото, а не поединци и групи.

-Ќе биде преголем ризик ако сè ставиме на коцка со некои ревизии и преоценувања, кога сме на прагот на НАТО и за два месеца треба да добиеме датум за преговори со ЕУ… Поентите исти или многу слични како и во првиот круг зашто програмата е позната и се работи во кои верувам – стабилност, напредок, економски стандард, меѓуетничка кохезија и целосно евроатлантско интегрирање. Можеби дополнително повторно ќе им предочам на граѓаните што не излегоа да гласаат што е влогот со овие избори и дека не треба да бидат пасивни, истакна Пендаровски на вечерашниот телевизиски дуел.

Силјановска рече дека држи до зборот, зашто и е најважен и дека нејзината филозофија не е „кажувам-заборавам-негирам, туку кажувам-помнам и остварувам“.

– Европски стандарди – тоа е и филозофијата на мојата програма, Ќе сторам сè за да станеме демократска, пристојна, досадна држава во која ќе владее правото, а не поединци и групи. Затоа што сум жена и изборот на жена претседателка е доказ за деморкатски капацитет за оваа земја. Затоа што постојано ќе го убедувам народот дека сум таму за нив, а не за мојата кариера. Ако сум успеала во кариерата, сигурно мојот збор ќе тежи и во политиката. Ќе направам се она што го збрувам да го реализирам, рече Силјановска.

Пендаровски  очекува на 5 мај да добие гласови од, како што рече, две категории на гласачи – од гласовите што во првиот круг ги доби кандидатот Блерим Река. Тие гласачи што му ја дадоа поддршката на Река, рече Пендаровски се  слободни како ќе го дадат својот глас во вториот круг.

– Но и ние имавме слични стратешки заложби со Река и мислам дека добар дел од тие гласачи ќе го препознаат концептот на Река во мојата програма, рече Пендаровски. Втората категорија се тие што останале дома разочарани од досегашните резултати на Владата. Ним им порача дека  ги разбира, но дека ако се за неговиот концепт, а повторно останат дома, ќе се изгуби многу и ќе му  дадат предност на концептот на изолација.

Во вториот круг Силјановска, како што рече, ќе се обиде да ги разубеди или да одговори на дилемите на оние кои не излегле во првиот круг, да ги убеди дека вреди да се излезе. Истакна дека ќе разговара и со Албанците, како граѓани, а не како партиска монета, и како што рече, ќе ги потсети на она што им е ветувано, а не е исполнето.

– Ќе разговарам отворено и со претставници на „Бојкотирам“, ги разбирам нивните дилеми, името е тоа што ги боли, апатијата, очекувале по заробена држава да не се случи киднапирана држава. Ќе разговарам со луѓето кои биле во ВМРО, но се разочарале, апстинирале на овие избори, рече Силјановска.

Тие полемизираа каков е нивниот однос кон Албанците и очекувањата за поддршка во вториот круг од таа етничка заедница. Според Пендаровски, неговата противкандидатка била против Рамковниот догвоор, Закон за јазици и против, како што рече, клучни документи кои ги унапредуваат правата на Албанците. Според него, Силјановска вечерва во излагањето ги менува ставовите: „Сега кажувате други работи за да им се додворите на албанските гласачи“.

Силјановска, пак, рече дека  и како научник и како политичар,  не е  против проширени јазични права, но дека тоа е надвор од Уставот и законите. – Вие правите политики надвор од правото. Прашајте ги сите кои знаат уставно право, еве прашајте ја Рената Дескоска, што мисли за процедурата за донесување на Законот за употреба на јазиците. Одговорно тврдам дека дел од решенијата се надвор од Уставот и од Рамковниот договор, рече Силјановска.

Таа го негираше тврдењето на Пендаровски дека му била советник на претседателот Ѓорге Иванов. – Никогаш не сум била советник на Иванов, беше Шкариќ. Откако е избран Иванов само еднаш го видов во врска со Професорскиот пленум и Законот за високо образование, кога го замоливме да стави вето на Законот, рече Силјановска.

На прашањето дали ќе дозволат влијанија при донесувањето одлуки и по критериуми ќе се водат при изборот на членови во Судскиот совет, Советот за безбедност, како и за Уставниот суд, Пендаровски одговори дека ќе биде имун на влијание од центри на моќ и дека, како што рече,   не е  партиски производ. Ќе се води од стручноста, професионалноста и интегритеттот на кандидатите, а  не „од партиски или етнички кујни“, освен кога треба да се запази правичната застапеност.  И во однос на надворешната политика, рече, ќе постапува во интересот на државата и пресудно ќе биде интегритетот и знаењата на кандидатот, неговата професионална компетенција и минат труд. Притоа додаде дека имаме 22 празни амбасади зашто според Иванов кандидатите не биле партиски подобни.

Силјановска, пак, кажа ќе остане своја на тој начин што ќе ја следи стручноста, компетентоста, мериторкратијата и ќе се залага за дипломатска служба ослободена од политика, додавајќи дека  дипломатијата е огледалото на една држава, а  односот надвор кон нас се гради по ликот на дипломатите: „Биографиите нема да бидат скриени како оние сега на амбасадорите. Ќе видат сите што значат луѓе со биографија, компетентни и стручни. Во Уставниот суд ќе седнат врвни правници, професори, судии од највисок ранг, а не како сега – наградени“.

На дуелот тие имаа можност и за по едно меѓусебно прашање. На прашањето од Силјановска која е точната бројка на вработени, зашто според неа Владата излегува со различни бројки, Пендаровски одговори дека се над 20.000 нови вработени, од кои две третини во домашни компании, и дека невработеноста сега е најниска, односно 19,4 проценти.

Пендаровски ја праша својата ривалка кога таа ќе го одржи зборот да се повлече спотот во кој го исмеваат, барајќи од неа фер-плеј и културна комуникација. Силјановска кажа дека веднаш побарала да се повлече, а од нејзиниот штаб и било речено дека луѓето го шеруваат и пласираат.

– Аргументацијата е дека тој е повлечен. Луѓето кога преземаат, тоа го споделуваат. Го имате моето длабоко ветување дека ќе се отстрани. Најостро сум против таков вид кампања. Не поднесувам и ме навредува. Ниту стојам зад таква кампања, ниту такво нешто одобрувам, рече Силјановска на вечерашниот дуел на МРТ.