Македонија
25. January 2021 - 16:33

Пендаровски го потпиша Законот за попис - што сега?

Претседателот Пендаровски го потпиша указот за Законот за попис. Пред да стави потпис, како што соопшти неговиот Кабинет, Пендаровски се консултирал со правни експерти.

-Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата, велат од неговиот кабинет.

Опозицијата обвинува дека власта со овој Закон создала недоверба во општеството и ги распалила политичките желби и наддавања. Пратеничката Иванка Василевска вели дека ВМРО-ДПМНЕ е за да се спроведе попис, но според неа, овој закон има многу недоречености.

-Кај ниту еден од нас не постои намера да се повика на бојкот. Ние не можеме да го натераме кој било македонски граѓанин да бојкотира, бидејќи на тој начин ќе учествуваме во нечие друго сценарио што е далеку од наша политичка прагма и нас не интересира, вели Ивановска.

Според власта, пак, токму ова законско решение гарантира статистичка, а не политичка операција, како што обвинува опозицијата.

-Законот за попис усвоен во Собранието, гарантира одржување на оваа значајна статистичка операција според меѓународните стандарди, според стандардите на Евростат. Опозицијата да не го партизира пописот и да не ги инволвира граѓаните за нивни партиски поени, бидејќи на сите им е јасно колку е значајна оваа статистичка операција и колку е голема должноста на сите граѓани да се вградат во нејзиното спроведување, велат од СДСМ.

Во меѓувреме, претставниците од владејачките партии од албанскиот блок не престануваат да лицитраат со бројки за пописот.

Според Законот за попис, граѓанин кој ќе одбие да даде податоци или доколку даде неточни податоци ќе се соочи со глоба од 200 до 300 евра. За попишувачите кои ќе уништат, прикријат или преправаат податоци од пописната апликација се предвидува и три до пет години години затвор.