Македонија
26. January 2021 - 8:36

Пендаровски го потпиша Указот, опозицијата со нов предлог – пописот да биде електронски

 Спроведувањето на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат во корист на севкупниот развој со што ќе се овозможи креирање долгорочни стратегии во виталните области.

Ова е пораката што ја упати вчера престедателот на државата, Стево Пендаровски откако го потпиша Указот за Законот за попис.

Но, препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат. Владејчаката партија и натаму ја нагласува исклучителната важност на пописот за идните државни, економски, здравствени, образовни и културни политики, а опозициската останува на ставот дека наместо статистичка, операцијата ќе биде политичка и нема да даде релевантни, реални резултати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изнесе и нов предлог – пописот да се одржи електронски со вкрстување на податоците.

Потпишувањето на Указот дополнително ја зовре атмосферата. ВМРО-ДПМНЕ поради ваквиот чин го нарече претседателот Пендаровски вазал и поттрчко на премиерот Зоран Заев.

-Пендаровски никако да излезе од сенката на Заев. Повторно покажа дека е негов вазал. Пред само еден месец бараше целосен консензус околу Законот за попис, а сега самиот се посипа со пепел. Многу добро знае потрчкото на Зоран Заев, Стево Пендаровски дека овој Закон за попис и оваа операција, е политичка, а не статистичка. Исто така, Стево знае дека нема време да се спроведе овој попис, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата наведе и дека „власта на сила го донесе Законот, не прифати ниту еден амандман на опозицијата, на брутален начин го злоупотреби европското знаменце и не сакаше да се воведат терминали за отисок на прст“.

-Дали на Стево Пендаровски како претседател му е грижа за здравјето на граѓаните? Во време на кризна состојба потпиша Указ на Законот за попис. Гледа ли Стево Пендаровски дека десетици држави во Европа ја откажаа ова статистичка операција? ВМРО-ДПМНЕ е за попис на населението и домаќинствата, но не ваква политичка операција која нема да ги даде реалните резултати од овој процес. Покрај Зоран Заев одговорност ќе понесе и Стево Пендаровски за пропаѓање на пописот, наведе ВМРО-ДПМНЕ.

Пред потпишувањето на Указот, универзитетската професорка и пратеничка, Гордана Силјановска-Давкова, преку фејсбук статус му порача на Пендаровски да го отвори Законот за попис на Хрватска и да го спореди со нашиот.

-Би сакала да имаме попис како стандардна статистичка операција, по извесни правила, а не политичка операција со извесен резултат! Не е доволно да му залепите на еден законски текст европско знаме, туку да го втемелите на стандарди. Џабе е повикувањето на ЕУ регулативите, ако не се вградени во него, туку се најавува дека ќе се вградат на пописот во 2031! Овој закон не ме прави среќна, оти не личи на европските закони за попис, ниту на оние од државите во регионот. Не мора да ми верувате на збор, само отворете ги словенечкиот, бугарскиот, хрватскиот или српскиот и споредете го нашиот со нив. Не е сличен, различен е. До кога ќе бидеме различни таму каде што сите се стандардни? И на претседателот Пендаровски му препорачувам да го отвори Законот за попис на Хрватска, на пример, и да го спореди со „нашиот“ пред да го потпише указот за прогласување, напиша Силјановска-Давкова во постот насловен „LOSE – LOSE политика, наместо WIN- WIN статистика!“.

И ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика Пендаровски да не става потпис на Законот.

-Доколку Пендаровски го потпише овој закон, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги собере потребните потписи на пратеници, но и ќе побараме и широка народна поддршка преку собирање на потписи на граѓаните. Доколку оваа ненародна власт реши да ја игнорира волјата на народот и продолжи насилието, нам како опозиција ќе ни даде легитимитет да не ги признаеме резулатите од оваа политичка, а не статистичка операција, најави ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ експресно врати, најпрво со соопштение, а потоа и преку портпаролката Богданка Кузеска. Оцени дека „ВМРО-ДПМНЕ ја манипулира јавноста, а нејзиното деструктивно однесување околу собирањето потписи и повикувањето на граѓаните да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување“.

Заврши времето на политикантски калкулации, рече портпаролката Кузеска. Интересот на граѓаните и на државата сега е на прво место. Јалови се обидите за наметнување дебата колку проценти е било која етничка заедница. Пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права.

-Прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради политичките хирови на неспособниот Христијан Мицкоски или негови блиски поединци во ВМРО-ДПМНЕ. Тие секогаш и во се ќе најдат причина да блокираат и опструираат. Тоа го видовме и во изминатите три години, секогаш делуваат спротивно на интересите на граѓаните и на државата. Постојано подбуцнување конфликти во секоја можна прилика и блокади, истакна Кузеска, дополнувајќи дека по 19 години, државата конечно ќе добие попис спроведен по сите меѓународни стандарди и од страна на професионалци.

Според неа, политичарите како Мицкоски не се способни да понудат никаков напредок за граѓаните и затоа го политизираат процесот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис.

Мицкоски, пак, претходно, во гостување на интернет портал предложи, ако има јаки бази на податоци, пописот да се спроведе електронски.

-Еве, имаме и трета ексклузивна понуда, направете електронски попис. Имате, велите, бази на податоци, вкрстете ги, направете електронски попис. Чуму ви се потребни пари да трошите по луѓе, попишувачи што ќе дојдат дома, па потоа да имате двоен потпис, нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека добро го прочитал Закон за попис при што увидел дека актуелниот заменик-директор на Заводот за статистика нема никакви ингеренции за да стави потпис врз резултатите на пописот. Таквиот чин, според Мицкоски, е противуставен и противзаконски.

-Не сум правник, но читав, заменик-директорот во Завод за статистика нема буквално никакви ингеренции, а камоли двоен потпис. Незаконско е тоа дело, незаконско и неуставно. Тоа е човекот што треба да ги контролира процентите кои однапред некој ги поставил како коалициски договор, а тоа фрла дамка на целиот процес и создава сомнеж кај граѓаните, истакна Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби ги отфрли како неточни обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека меѓувладините коалициски партнери однапред ги договориле резулатите од пописот, а врзаниот потпис на директорот и заменик-дирекоторот на Државниот завод за статситика, воопшто не значи политизација на процесот.

-Апсоултно не постои никаков политички договор за некакви бројки меѓу СДСМ и ДУИ или меѓу Ахмети и Заев. Колку проценти се Албанци, ќе покаже оваа статистичка, а не политичка операција која се надевам ќе тече на најдобар можен начин, гаранција за тоа се сите политички партии застапени во Собранието, освен една. Убеден сум и дека граѓаните ќе одговорат на овој предизвик зашто резултатите ни требаат за креирање развојни политики, рече Груби во телевизиско гостување.

Собранието на 21 јануари со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Македонија. Пописот ќе се спроведе од 1-ви до 21 април 2021 година. Законот гарантира одржување попис според меѓународните стандарди и стандардите на Евростат. Претседателот Пендаровски, пак, како што соопшти неговиот Кабинет, го потпиша Указот за Законот по консултации со правни експерти.