Македонија
6. September 2019 - 11:25

Пендаровски ги прими акредитивните писма на новата амбасадорка на Кралството Шведска

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма од страна на Кристин Форсгрен Бенгтсон, новоименувана амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.

Пендаровски, како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата рече дека Република Северна Македонија и Кралството Шведска во континуитет градат пријателски и партнерски односи.

Претседателот Пендаровски, како што се наведува, истакна дека меѓу двете земји се уште постои неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката и меѓусебна комуникација, при што го нагласи интересот за интензивирање на соработката во сферата на економијата.

– Поддршката од Кралството Шведска за интеграција на државите од регионот на Западниот Балкан во Европската унија, а во тие рамки и на Република Северна Македонија, е од голема важност. Во тој контекст, се надевам дека напредокот на мојата држава, нотиран во Извештајот на Европската комисија, ќе биде вреднуван  и поддржан со позитивна одлука во октомври оваа година, Република Северна Македонија да ги започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија, изјави претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање акредитиви.

Амбасадорката Бенгтсон смета дека во последните години се случија многу позитивни случувања во нашата земја, како што се реформите во јавната администрација и зајакнатите соседски односи.

– Договорот од Преспа е историско достигнување што покажува храброст и лидерство и може да послужи како инспиративен пример за регионот. Договорот не само што беше позитивно примен во ЕУ, туку исто така беше клучен за вашето идно пристапување во НАТО. И покрај тоа што Шведска не е членка на НАТО, се надеваме дека наскоро ќе ја видиме Северна Македонија интегрирана во евроатлантската заедница, изјави шведската амбасадорка.

Шведската Влада, посочи амбасадорката Форсгрен Бенгтсон, постојано во континуитет го поддржува почетокот на преговорите со Северна Македонија за влез во ЕУ, со цел еден ден – кога ќе бидат исполнети сите услови – да стане членка.

Амбасадорката го истакна владеењето на правото како клучно за интеграцијата во ЕУ, при што ја искажа поддршката за нашите напори за борба против корупцијата и зајакнување на правниот систем.

Претседателот Пендаровски на новоименуваната амбасадорка и посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.