Македонија
4. October 2016 - 18:36

Пелагониските општини заинтересирани за поволни заеми од Светска банка

Претставниците на локалните самоуоправи и на јавните претпријатија на девет општини во Пелагонија денеска во прилепската локална самоуправа одржаа советување за критериумите и можностите што ги нуди вториот повик за поддршка на инфраструктурни проекти на општините преку Светска банка.
 
Советувањето го организираше бизнис центарот при Центарот за развој на Пелагонискиот регион.
 
Според директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот регион Емилија Геровска, користењето средства од вториот повик за инфраструктурни проекти е од голема важност за општините да реализираат капитални зафати.
 
- Многу е битно Пелагониските општини да се запознаат со условите и критериумите што ги нуди вториот повик на Светска банка за поволно кредитирање инфраструктурни зафати. Ова уште повеќе зашто при првиот повик сите Пелагониски општини или учествувале со заем од Светска банка или во рамки на ИПА проектот. Со првиот повик општините во Пелагонија искористиле 5 милиони евра, исклучиво за инфраструктурни проекти, односно, општините инвестирааа во изградба на локални патишта, улици, водоводи и улично осветлување. Убедена сум дека, како и во првиот, така и при вториот повик, општините ќе аплицираат со проекти. И практично, поради успешноста на првиот повик, проектот продолжува со вториот повик. Достапни на општините во Македонија за инфраструктурни проекти ќе им бидат 19 милиони евра, со исклучително ниска каматна стапка која ја следи онаа со која Македонија се задолжува кон Светска банка. Рокот на отплата е 10 години, со грејс период до 3 години, изјави Геровска.
 
За градоначалникот Марјан Ристески, Прилеп има одлично искуство во користењето на кредит од Светска банка при првиот повик, а сега има 10- ина проекти од кои ќе се направи приоритет за да аплицира при вториот повик.
 
- При првиот повик Прилеп искористи средства од Светска банка и се направи комлетно влезот во градот кај бензиската пумпа на „Лук оил“ со комплетна канализација и булеварско уредување. Поради успешно завршениот зафат, Прилеп од Светска банка доби донација од 130 000 евра кои се употребија за изградба на инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“. Сега, во вториот повик ќе аплицираме, секоја општина има лимит до кој може да се задолжува, и затоа од подготвените 10-ина проекти ќе направиме приоритет кој е во интерес на сите граѓани за решавање на инфратсруктурните проблеми, рече Ристески.
 
Градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски, воедно и претседател на Советот за развој на Пелагонискиот регион вели дека општините ќе настојуваат максимално да ја искористат можноста што ја дава вториот повик на Светска банка.
 
- Ова е голема можност за Пелагониските општини, и за сите општини во Македонија зашто се поволни можностите и условите што со заемот ги нуди Светска банка. Општините ќе решат повеќе инфраструктурни проблеми и ќе го подобрат животот на граѓаните. Особено ќе им помогне на руралните општини кои имаат мали буџети. На денешното советување, или на оваа информативна сесија, присутни беа градоначалници, претседатели на совети на општините, од јавните комунални претпријатија кои комплетно беа информирани за можностите за користење на заемот од Светска банка. При првиот повик Ресен користеше средства во изградба на патната мрежа, за канализациониот систем, а имаме и сега проекти со кои ќе аплицираме, рече Стрезовски.