Македонија
25. August 2015 - 18:35

„Пеколот допрва доаѓа“: Дали ова ќе биде најтоплата година во историјата?

 
Податоците кои ги објавила американската Национална администрација за океани и атмосфера, покажуваат дека првите шест месеци оваа година биле во просек најтопли во последните 136 години.
 
Просечната температура за јуни на светско ниво изнесувала 16,33 степени, што е за 0,12 степени повеќе во однос на минатогодишниот рекорд. Јуни, оваа година, според просечните температури на планетата, бил најтопол уште од 1880-тата година од кога се вршат мерењата.
 
Овој јуни просечната температура била 0,88 Целзиусови степени повисока од просекот во 20-сеттиот век. Надминат е рекордот од минатогодишниот јуни, кога температурата била 0,12 степени над просекот.
 
Според податоците на американската институција, температурниот рекорд е поставен и кога се посматра полугодишниот период јануари-јуни.
 
Оваа година за периодот јануари-јуни просечната температура на копно и на океаните била за 0,85 Целзиусови степени повисока од едновековниот просек и највисока уште од 1880-тата година.
 
Досега полугодишен рекорд бил забележан во 2010-тата година, кога температурата била 0,09 Целзиусови степени повисока од просекот од  1880-тата година.
 
Портпаролот на американската Национална администрација за океани и атмосфера истакна дека во иднина се очекува уште поголем раст на температурата, што може да има катастрофални последици.