Свет
21. February 2019 - 9:05

Пекол во Дака: Пожар проголта цела населба, 70 мртви, пожарникарите 9 часа се бореле со пламените јазици

Најмалку 70 лица загинаа, а 50 се повредени во пожар што избувна во станбена населба во Дака, главниот град на Бангладеш, објавија денеска официјални лица.

Пожарникарите, по деветчасовна битка со огнот, успеаја да го стават под контрола.

Пожарот избувна синоќа во местото Чавкбазар, во стариот дел на Дака, каде што во приземјето на повеќе згради има продавници, ресторани и магацини. Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголемува.

Пожарот избувнал во една четирикатна зграда и брзо се проширил на други објекти.

– Досега се пронајдени тела на 70 лица. Бројот на жртвите може да биде уште поголем, потрагата продолжува, изјави шефот на одделот за противпожарна заштита и цивилна одбрана, Џулфикар Рахман.

Тој додаде дека причината за пожарот е непозната, а истрагата е во тек. Во гаснење на пожарот беа ангажирани околу 200 пожарникари.

Се наведува дека на некои катови се складирани хемикалии и пластика.

Во пожарот во 2012 година во фабрика во Бангладеш, во предградие на Дака, загинаа најмалку 112 лица.