Македонија
2. March 2017 - 21:26

Педијатарот потврди - обвинетиот анестезиолог мирисал на алкохол додека се бореле за животот на родилката

Во велешкиот суд продолжи судскиот процес против тројцата лекари обвинети за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче, кои на 22 октомври 2015 година починаа во гевгелиската болница. Двајцата анестезиолози од кои едниот во меѓувреме почина, биле пијани и Лекарска Комора им ги одзеде лиценците за работа.

Педијатарот кој бил на повик, потврди во судница дека обвинетиот анестезиолог мирисал на алкохол додека се бореле за животот на родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче. Прво бил конфузен во објаснувањата, но по укажувањата дека лажна изјава е кривично дело, признал во каква состојба бил еден од лекарите во гевгелиската болница  на 22 октомври 2015, кога за време на царски рез почина родилката од Дојран.

- почнаа картите да се отвораат. Очекуваме процесот да продолжи со други сведоци, изјави Вељо Кадиев, адвокат на оштетеното семејство

Потсетувајќи се повторно на лошите моменти од болницата, кога наместо нов член во семејството, ги погребал и сопругата и новороденчето, очекува дека правдата ќе излезе на виделина.

-греота, кај ќе им оди душата, убеден сум дека ќе има казна за тие што го направија тоа, вели Димитрије Кадиев, сопруг на починатата родилка.

Адвокатот на гинекологот Венци Чалков е убеден дека ќе докаже како неговиот клиент е невин, презентирајќи докази за опременоста на болницата и условите за работа.

Обдукцијата покажа дека Кадиева починала од задушување за време на царски рез. Тројца лекари се осомничени за тешки дела против здравјето на луѓето.