Свет
1. March 2019 - 8:48

Педерсен: Војната во Сирија е далеку од завршена

Претставникот на ОН за Сирија, Норвежанецот Геир Педерсен пред Советот за безбедност на ОН изјави дека војната во Сирија и после осум години „е далеку од завршена”.

– Цели делови од територијата сè уште не се под контрола на Владата, а Исламска држава може повторно да се роди од својата пепел, рече Педерсен во својот прв извештај откако ја презеде функцијата во јануари.

Според него, на 11 милиони Сиријци им е неопходна хуманитарна помош.

Педерсен изрази надеж дека „со минимално одложување” ќе се свика Уставна комисија, која сé уште се формира, и оцени дека таа е „можност за започнување политички процес”.

Според планот на ОН, оваа Комисија, која треба да ги спроведе измените на Уставот и изборите во Сирија, ќе има 150 членови. Вкупно 50 од нив ќе ги избере владата во Дамаск, 50 опозицијата, а 50 ќе избере претставникот на ОН со цел да се вклучат експерти и претставници на цивилното општество.

За составот на последната третина од Комисијата се уште нема консензус.

Педерсен е четвртиот посредник на ОН од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.