Свет
12. July 2017 - 8:48

Печатењето фалсификувани пари во Европа е намалено, Франција најпогодена во еврозоната

Франција е најпогодена од ширење фалсификувани пари во Европа, но на континентот е регистриран пад во количеството фалсификувани банкноти во периодот 2015 -2016, соопшти Бирото за борба со фалсификувани пари при француската полиција.

Триесет и четири отсто од фалсификуваните пари во Европа се во Франција што ја прави најпогодена држава во еврозоната. Следуваат Италија, Германија и Шпанија.

Бирото констатира дека има пад – бројот на запленети фалсификувани пари во Франција е намален за 35 отсто, а во Европа – за 25 отсто. Намалувањето е пред се поради разбивање на две печатници за таков вид пари во Италија и на воведувањето во Франција на новите банкноти од 20 евра, кои потешко може да се фалсификуваат.

Централното биро очекува тенденција на пад и во 2017 година поради појавата на новата банкнота од 50 евра. Според полицијата, најчесто се фалсификуваат банкнотите од 20 и 50 евра.