Балкан
2. July 2020 - 13:31

Пецас: Секои две седмици ќе се ажурира листата со трети земји за влез во Грција

Грција секоја седмица ќе ја разгледува и ќе ја оценува ситуацијата со туристите во земјата, а секои две седмици ќе се ажурира листата со трети земји за кои ќе биде дозволен влез, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот редовен брифинг со новинарите.

-Листата ќе се ажурира секои две седмици, но ние секоја седмица ќе имаме проценка како поминала претходната, за навремено, да биде соопштено, секогаш во соработка со нашите партнери, за да постои неопходната подготовка, рече Пецас.

За копнените граници, објасни дека на границата со Бугарија, влезот за посетители е дозволен само од преминот Промахонас (Кулата), додека пак на премините со Северна Македонија, Албанија и Турција, дозволени се само преминување oд есенцијални причини.

Говорејќи за туризмот објасни дека епидемиолозите се подготвени за сите сценарија, доколку биде потребно да се интервенира при евентуален зголемен број на случаи на Ковид-19 и додаде дека првите 15 дена од месецов „ќе бидат денови кога ќе се собираат податоци и ќе се следи ситуацијата, не само со туристичките бранови, туку и со резултатите од спроведените тестови“.

Во однос на вчерашниот прв ден од отвoрањето на аеродромите во Грција, Пецас рече дека на 16 од нив биле направени 5.889 тестови, а резултатите ќе бидат соопштени во текот на денешниот ден.

За формуларот што е неопходен за сите кои пристигнуваат во Грција, портпаролот на грчката Влада објасни дека до недела ќе биде преоден период за туристите и ќе им се дава можност да го пополнат и при пристигнувањето, додека пак од понеделнк 6 јули, ќе биде задолжително да се пополни 48 часа пред патувањето.
 
Денеска, по речиси четири месеци преку видеоконференција, брифингот на портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас се одржа со присуство на новинарите и странските дописници, но со сите неопходни мерки за лична заштита.