Балкан
16. July 2019 - 10:02

Пецас: Не е во наш интерес да бидеме против почеток на пристапни преговори на соседната земја со ЕУ

Започнувањето на процесот не е нешто за кое имаме интерес да бидеме против. Треба да ги заштитиме нашите интереси и да дадеме тешка битка во текот на преговорите, вели министерот и портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас во интервјуто за државната телевизија ЕРТ во однос на тоа дали тие би се согласиле за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас, во неговото прво интервју по формирањето на владата на Нова демократија, во делот за нашата земја и Договорот од Преспа вели дека тие ќе се фокусираат на намалување на негативните последици од договорот, преку кампања за промоција на грчката Македонија и заштита на брендот Македонија и заштита на грчките интереси кога ќе се отвораат поглавјата во преговорите на Скопје со Брисел.

Портпаролот на грчката влада истакна дека тие како во опозиција направиле сѐ за да не се потпише Договорот од Преспа.

-Направивме сѐ за да не се ратификува, за жал претходната влада го ратификуваше овој договор. Знаеме дека е многу тешко овие договори, кои ја обврзуваат земјата, да се променат или да се поништат. Она што треба да го направиме во оваа рамка што е веќе создадена е да ги намалиме негативните последици и тоа ќе се обидеме да го направиме на две нивоа. Прво, како што имаме кажано, со започнување кампања во целиот свет за вистинската Македонија, нашата Македонија да го има потребното признавање во целиот свет, вели Пецас.

Тој објасни дека во исто време ќе треба да го истакнат и промовираат културното наследство на грчката Македонија, но и да ги заштитат националните интереси во ЕУ.

-Друг основен елемент е заштита на ниво на Европската унија дека интересите на нашата земја ќе бидат задоволени, кога ќе се отвораат или ќе се затвораат поглавја во преговорите на соседната земја со Европската унија. И затоа секогаш ќе бидеме таму и нема никогаш да го напуштиме дури и правото на вето кога ќе треба да бидат задоволени нашите интереси, објасни портпаролот на грчката влада.

На прашањето дали тие би се согласиле со почеток на пристапни преговори, Пецас рече дека „започнувањето на процесот не е нешто за кое е во интерес на земјата да бидеме против“, објаснувајќи дека тешката битка ќе се води во текот на преговорите.

Во однос на јазикот и идентитетот, двете точки за кои Нова демократија беше категорично против, Пецас во интервјуто за ЕРТ рече дека токму затоа тие направиле сѐ за да не се потпише и да не се ратификува договорот.