Македонија
8. July 2020 - 17:04

ПЦР тестови за граѓани на Србија, Црна Гора, БИХ и Косово, 8 починати, 163 новозаразени

Без тест за корона од утре нема влез во Македонија од Косово, Србија, Црна Гора и БиХ. Сите граѓани на граничните премини мора да покажат документ ковид состојбата не постар од 72 часа. Комисијата за заразни мерки се одлучи на оваа мерка поради влошената епидемиолошка состојба во регионот и зголемениот број на новозаразени. Засега нема препорака и за соседна Албанија иако и таму расте бројот на новодијагностицирани. И додека во Србија има вонредна состојба во 16 градови и најави за полициски час, рестрикции во Приштина, а црногорците прогласија епидемија во пет општини, министерот Филипче вели дека во Скопје по изборите нема да воведат карантин по примерот на Белград.

А високите трицифрени бројки на заразени се присутни и во денешната статистика од ИЈЗ. Од 1794 тестирања изминатото деноноќие, 163-ца се позитивни на Ковид-19. Во последните 24 часа починале 8 лица како последица на компликациите од корона, 52 годишен пациент од Дебар битката со вирусот ја загуби во приватната болница Жан Митрев, а 79 годишна пациентка на Токсикологија кај која Ковид 19 е потврден постмортем. Во Гоб 8-ми септември починале четворица, еден во тетовската болница и еден пациент на Инфективна. 

Инситутот регистрирал и 230 оздравени пациенти, а најголем број од денешните случаи се во Скопје – 87, Тетово – 16, Штип – 10. 

 Според анализите за Ковид 19 во периодот од 29-ти јуни до 5-ти јули, ИЈЗ регистрирал помалку заразени и починати во споредба со претхнодната анализирана недела. Од 917 чиј тест бил позитивен овој период, 22 проценти се над 60 годишна возраст, но има благ пораст на лица од 20 до 39 години кај кои е потврден вирусот. Статистиката покажува дека за 7 дена починале 46 лица од кои дури 38 имале претходни заболувања.