Македонија
23. May 2019 - 16:18

Павле Богоевски си даде оставка од пратеник - ќе ја активира по одземањето на имунитетот на Груевски

Топли прегратки од сопартијците и колегите на Павле Богоевски за предвремениот  крај на неговиот пратенички мандат. По скандалот со „половинката“ поранешниот предводник на Шараената револуција денеска си поднесе оставка

Оставката на Богоевски прв ја поздрави премиерот Заев. Рече дека тоа е храбар потег

И во ДУИ позитивно гледаат на чекорот на Богоевски. Велат доколку помине нивниот ветинг, можно е повеќе функционери да мора да си заминат.

За опозицијата, оставката на Богоевски не може да биде оправдување за како што велат, сторениот криминал

Во СДСМ сметаат дека со оставката на Богоевски продолжува промоцијата на политика со висок морал. Од партијата велат дека одговорност треба да понесат и сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои биле вклучени во нелегални активности. Меѓу нив, според СДСМ се и оние пратеници кои добија амнестија за 27 април. Партискиот портпарол денеска рече дека ако бил на местото на Крсто Мукоски до сега веќе ќе си имал поднесено оставка

Оставката на Павле Богоевски дојде на стартот на седницата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања со која тој претседаваше и на кој требаше да почне постапката за одземање на мандатот на експремиерот Никола Груевски поради 6 месечно неоправдано отсуство од Собранието. Поради оставката на Богоевски, седницата беше одложена а за тоа дали Груевски ќе остане без пратеничка плата ќе се одлучува на наредната која дополнително ќе биде закажана. За да му биде одземен мандатот на Груевски потребна е препорака од надлежната комисија и двотретинско мнозинство на пленарна седница.

Според најавата, Богоевски официјално оставката ќе ја поднесе штом ќе помине пленарката за Груевски а веднаш потоа, нов пратеник во законодавниот дом ќе стане Александар Филиповски од општинскиот огранок на СДСМ во скопски Аеродром.