Македонија
19. July 2017 - 14:54

Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „Библиотека на тркала“ во Македонски Брод

„Библиотеката на тркала“, активност на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе се придружи на три локации кои организацијата „МакеДокс“ летово ги посетува со патувачкото кино во областа Порече околу Македонски Брод.

Во селата Требино, Брест и Манастирец активностите за најмладите со „Библиотеката на тркала“ почнуваат во 18 часот, а проекциите на документарни филмови под отворено небо, организирани од „Македокс“ почнуваат во 21 часот. 

Активностите се отворени и бесплатни за сите жители од регионот на Порече и за сите посетители и авантуристи кои сакаат да уживаат во прекрасните предели на Порече со културни и едукативни активности за сите генерации.

Целта на патувачкото кино на „Македокс“, кое се организира од 2011 година, е да се децентрализира фестивалот на документарни филмови кои традиционално го организираат на есен во Скопје. Патувачкото кино секое лето посетува различни региони од државата и нуди дел од документарните приказни на „МакеДокс“ и во рурални средини во земјава.

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ја создаде „Библиотеката на тркала“ за да донесе ресурси за читање и учење во оддалечените, рурални места и училишта каде нема јавни библиотеки во близина. Таа претставува специјално пренаменето возило полно со сликовници, детски енциклопедии и математички активности за најмладите ученици. Од 2014 година, „Библиотеката на тркала“ има посетено 200 различни локации во државата, а во активностите се вклучиле над 18.000 учесници.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ што го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија има за цел да ја процени и подобри јазичната и математичка писменост во почетните одделенија. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Република Македонија.