Македонија
27. January 2023 - 16:35

Партнерите на СДСМ се чувствуваат искористени

Ковачевски преговара со Таравари само за да го спаси ДУИ, а не за уставните измени. Ова е ставот на најголемиот дел од коалициските парнери на СДСМ.

Средбата со Ковачевски и Ахмети не го промени ставот на Гаши. Од партијата и денеска потенцираат дека обидот за проширување на мнозинството не се прави заради уставните измени и токму затоа не отстапуваат ниту министерства ниту директорски позиции.

Неопходно е да нагласиме дека начинот на кој се преговара со Алијанса за Албанците е штетен. На овој начин, се казнуваат оние кои кога требаше постапија правилно, а се наградуваат оние кои тогаш калкулираа и застанаа на погрешна страна. Без план за 80 пратеници, на сила влез на Алијанса во Влада, значи дека БЕСА автоматски оди против тоа, што значи нема 80. И начинот на кој се прави ова само значи дека другите албански партии ќе помислат дека кога се потребни се искористуваат, а потоа се отфрлаат. Тоа не е добро за државата и нејзиниот пат кон ЕУ, посочуваат од партијата на Гаши.

Коалициската средба пред 4 дена не го промени ставот ниту на Демократски сојуз. Трајанов очекува Ковачевски да не го наруши етничкиот баланс на Владата, иако вели преговорите со Алијанса немаат никаква поврзаност со европската иднина на државата.

Избори час поскоро, а не спасување на ДУИ е ставот и на БЕСА, партијата која при евентуален влез на Алијаса во ВЛадата ќе остане единствена опозициска албанска партија во Собранието.

Проширувањето на мнозинството во момент кога ДУИ се распаѓа е само за спас на ДУИ и Артан Груби, а тоа сигурно не е причината за која граѓаните гласале за Алијанса. БЕСА го поддржува патот за интегрирање во ЕУ, но мислиме дека избори треба да има што побрзо, посочуваат од партијата на Касами.

Иако премиерот Ковачевски тврди дека мнозинствотот ќе се зголемува во име на европската иднина на државата, сепак преговорите со Алијанса се интензивираа по внатрпартиските превирања во ДУИ и засилување на огнената група која бара смена на Груби. Огнените не го напуштаат парламентарното мнозинство, но Собранието со месеци е нефункционално и не може да обезбеди ниту кворум за работа.