Македонија
1. October 2018 - 11:39

Партијата за Движење на Турците: Граѓаните го трасираа патот на Македонија кон НАТО и ЕУ

Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) им честита на сите граѓани кои вчера се одважија и својот став го изнесоа во гласачките кутии. Радува фактот што вчерашниот историски референдум помина во демократски амбиент, а огромното мнозинство на граѓани уште еднаш упатија силна порака дека ги поддржуваат евроатлантските интеграции. 

Особено сме задоволни и од активното учество на граѓаните од турската етничка заедница кои со високиот одзив уште еднаш покажаа висока демократичност и одговорност кон татковината. Очигледен е резултатот дека во сите средини каде што доминира турското население резултатите се позитивни.

Повеќе од јасно е дека вчерашниот референдум е успешен, а граѓаните го трасираа патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Партијата за Движење на Турците (ТХП) јасно и гласно ги повикува сите активни политички чинители на Македонија да ја почитуваат одлуката на мнозинството граѓани и да покажат зрелост и државнички карактер. Државните интереси треба да бидат над личните и партиските калкулации.

Ние, како најголем политички субјект на Турците во Македонија и во следниот период со сите наши капацитети ќе се посветиме на евроатлантската интеграција.