Балкан
22. јуни 2020 - 11:53

Партијата на Вучиќ прогласи убедлива победа на изборите

Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ синоќа убедливо победи на изборите во Србија.

Тие освоија повеќе од 62 проценти од гласовите, или дури 189 места во парламентот.

Првата партија зад нив има само 10,6 проценти од гласовите. Тоа е листата на Ивица Дачиќ, СПС, ЈС и Драган Марковиќ, која освои 32 места.

Изборниот праг го надмина и листата на Александар Шапиќ – Победа за Србија со 3,8 проценти од гласовите, односно 12 мандати.

Кога станува збор за малцинствата, четири листи влегоа во парламентот.

Сојузот на Унгарците од Војводина влезе во парламентот со 2,5 проценти од гласовите, или девет места.

Во српскиот парламент влегува и листата на Муамер Зукорлиќ и Албанската демократска алтернатива со 0,9 проценти од мандатите, односно со по три пратенички места и СДА Санџак со 0,7 проценти, односно 2 места во парламентот.

„Добивме доверба од 63,4 проценти од српските граѓани, но со неважечките гласачки ливчиња и необработените места очекуваме 65 проценти. Јас веќе долго време сум во политиката, но никогаш не доживеав ваков момент. Вечерва добивме голема доверба од народот, во услови кога ретко кој веруваше во вакво нешто. Ова е историска победа, историски момент. Добивме огромна доверба од граѓаните. Освоивме повеќе од два милиона гласови, победивме насекаде, победивме таму каде што никогаш претходно не сме победиле. Победивме убедливо“, рече Вучиќ синоќа по објавувањето на првите резултати, а се пофали дека имало голема излезност и во затворите.

Набргу по објавувањето на неофицијалните резултати, почнаа да пристигнуваат честитки до Вучиќ, а Виктор Орбан беше првиот што му честиташе.

„Честитки Александар. Честитки СНС “, објави Орбан на „Инстаграм“.

„Благодарам, драг мој пријателу“, одговори Вучиќ.

Опозицијата е огорчена од изборите, а тоа го покажа и синоќа.

„Вучиќ целосно успеа да ја уништи политичката структура на Србија. Вучиќ спроведува инженеринг врз луѓето, ова е безнадежна ситуација. Не е нормално една партија да има повеќе од 60 проценти, а првата следна само 10 проценти“, рече поранешниот српски претседател Борис Тадиќ.