Свет
20. May 2017 - 14:18

Партијата на Меркел со 11 отсто предност пред социјалдемократите

Блокот на Христијанско демократската унија (ЦДУ) и на Христијанско социјалната унија (ЦСУ) предводена од актуелната германска канцеларка Ангела Меркел би победил на парламентарните избори во Германија со солидна предност пред социјалдемократите, доколку сега би се одржале изборите, покажува истражувањето на интернет неделникот „Вокал Јуроп“.

Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, според оваа анкета, би добил 38 отсто од гласовите, додека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на поранешниот претседател на Европскиот Парламент, Мартин Шулц би освоила 27 проценти.

Другите партии учеснички на изборите предвидени за септември, далеку заостануваат зад овие два блока на десниот и левиот центар на германската политичка сцена, што значи дека на есен битката за новиот состав на Бундестагот одново ќе се води меѓу нив.

Истражувањето, открива дека либералната Слободна демократска партија (ФДП), која долги години беше членка на разни владини коалиции во Германија, а во еден мандат нејзиниот лидер Валтер Шел беше и претседател на државата, полека се опоравува од кризата во која се наоѓа последниве години.

Според оваа анкетата либералите имаат осум отсто доверба ила два проценти поени повеќе од последното мерење на „Вокал Јуроп“ со тенденција за натамошно зголемување на подршката од германските гласачи, со што ФДП по еден мандат како вонпарламентрана партија, најверојатно ќе се врати во Бундестагот.

На прашањето за тоа кого Германците посакуваат за иден канцелар, 57 отсто се изјасниле за Ангела Меркел, додека 33 отсто му даваат подршка на Шулц.

Интернет неделникот „Вокал Јуроп“ има седиште во Брисел и е насочен кон надгледување на состојбите во ЕУ и во нејзиното соседство.