Македонија
1. September 2021 - 16:45

Партиите ветуваат позитивна кампања

На граѓаните им е доста од калта во политичкото мочуриште. Сликовито, опозицискиот лидер истакна дека ВМРО ДПМНЕ е решена да води позитивна кампања на локалните избори, ослободена од партиски препукувања и навреди кон противкандидатите.

Главниот фокус ќе биде ставен на борбата со криминалот и корупцијата, вели Мицкоски, најавувајќи дека на граѓаните ќе им биде понудена, како што рече, револуционерна програма.

“Граѓаните сакаат да слушнат надеж и решение за нивните проблеми. Доколку некој од другите учесници во оваа кампања планираат да ја водат со ниски страсти, навреди, мизогенија, тогаш тоа е нивна одлука. Претпоставувам дека имаат стратези кои така ги советуваат. Ние како ВМРО ДПМНЕ ќе водиме исклучително позитивна кампања“.

Мицкоски сепак не се воздржа да коментира за понудата на СДСМ за градоначалници за Битола и Прилеп, оценувајќи дека со нивното кандидирање власта однапред се откажала од победа.

Слична најава за позитивна кампања, но и контраобвинувања доаѓаат и од СДСМ. ВМРО ДПМНЕ да се води од интересот на граѓаните за да најдеме заеднички јазик, велат од владејачката партија.

“Ние зборуваме за ширење на лажни вести, зборуваме за деструкции, зборуваме за блокади, зборуваме за кандидати за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ  кои јавно се декларираат, зборуваат дека се антиваксери и кажуваат дека нема да примаат вакцина. Значи тоа не е обвинување, тоа е еден апел уште еднаш да се однесуваат конструктивно и да се вклучат навистина во позитивна кампања не само за локалните избори и не само за избори, туку да се вклулчат о сите процеси кои што сте добри и се од интерес на граѓаните и на државата, тогаш може да се најде заеднички јазик”

Прашањата за начинот на кој власта и опозицијата ќе ги бараат гласовите на граѓаните произлегоа откако во изминатиот период политичката сцена во Македонија беше зафатена од навреди и непристојна реторика.

Кампањата за локалните избори официјално треба да почне на 27 септември.