Македонија
11. јуни 2019 - 16:24

Партиите ќе се договараат за пописот

Партиите треба да разговараат за пописот, затоа што тој мора да се спроведе. Од владејачката партија велат дека лидерите на сите партии треба да најдат решение за статистичката операција.

Дека пописот е од големо значење за државата потвруваат и од најголемата опозициска партија од каде најавија бојкот на процесот.

„Во ниту една европска држава не се попишуваат матични броеви туку домаќинства и граѓани. Препораките на Еуростат не велат дека една земја аспирант за членство во Европската Унија треба да попишува матични броеви. Заев продолжува со злоупотребата на државните и националните интереси со единствена цел останување на власт, а распродажбата на истите веќе му поминува во навика“, пишува во денештото соопштение на ВМРО ДПМНЕ.

Собраниската дебата за пописот вчера беше одложена официјално затоа што на расправата немало претставник на мисијата на ЕУ. Неофицијално ВМРО ДПМНЕ најави бојкот затоа што не биле консултирани.

Пописот треба да се реализира во април следната година. Предвидено е да има графа за етничка и верска припадност, а ќе ги опфати лицата кои се во странство. Тие ќе бидат забележани во посебна категорија како “нерезидентни” граѓани, а ќе може да ги пријават најблиските роднини преку нивниот матичен број.