Ракомет
31. January 2018 - 16:44

Парондо наместо Раул на клупата на Вардар

 
 
 
Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник на сонародникот Раул Гонзалес. Ова денеска го потврдија од клубот на својот официјален веб сајт. 
 
Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата.
 
„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата  ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене. Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка“, изјави Парондо. 
 
38-годишниот Парондо во моментов заедно со Ирина Дибирова се на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во Лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.
 
Тој, водено е и помошник на Гонзалес во машката сениорска репрезентација на Македонија, а беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска. Претходно Парондо помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир. 
 
„Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа. И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет“, дополнува Парондо.
 
Парондо ќе има тешка задача да го повтори успехот на својот сонародник кој минатата сезона триумфираше во елитната Лига на шампиони, а вардарци годинава ќе се обидат и да ја одбранат титулата.