Свет
6. December 2022 - 8:42

Парламентот на Индонезија го усвои контроверзниот нов кривичен законик со кој се забранува вонбрачен секс

Парламентот на Индонезија денеска ги усвои законските измени со кои се забранува вонбрачен секс и се воведуваат други важни измени во кривичниот законик на земјата. Забраната за вонбрачен секс се однесува како на локалното население, така и на странците.

Според новиот закон, родителите или децата ќе можат да пријават невенчани парови во полиција доколку се сомневаат дека имаат секс – нешто што критичарите велат дека е дело на полицијата за морал и може да се искористи и за таргетирање на членовите на ЛГБТК заедницата.

Сексот пред брак не беше незаконски во Индонезија пред да се донесе законот, иако прељубата беше. И вонбрачниот секс и прељубата ќе се казнуваат со затворска казна до една година или парична казна.

Според новите текстови, казни се изрекуваат и за навреда на претседателот на државата. Навредата на шефот на државата може да резултира со тригодишна затворска казна.

Заменикот-претседател на парламентот Суфми Даско Ахмад ги прогласи за усвоени новите текстови, кои беа изгласани од пратениците на пленарната седница на парламентот, но критичарите велат дека тие ги поткопуваат граѓанските слободи во оваа претежно муслиманска земја.

Поддржувачите на законските измени во парламентот го поздравија нивното донесување откако беа потребни децении да се договорат.

Новиот кривичен законик, кој денеска беше едногласно одобрен од парламентот, ја заменува законската рамка што беше во употреба од независноста во 1946 година и беше мешавина од холандскиот закон, обичајното право познато како хукум адат и модерното индонезиско право.

– Се потрудивме да ги прифатиме важните прашања и различните мислења за кои се дебатираше. Сепак, време е да донесеме историска одлука за измена на Кривичниот законик и да го оставиме колонијалниот кривичен законик што го наследивме зад себе, изјави од говорницата пред гласањето Јасона Лаоли, министер за право и човекови права, пред парламентот пред гласањето.

Планираниот законик предизвика протести на национално ниво предводени од студенти кога беше објавен целосниот нацрт во септември 2019 година, поради стравувањата дека ќе ги намали личните слободи. Најмалку 300 луѓе беа повредени во немирите, кои исто така беа поттикнати од загриженоста дека новите закони ќе ја поткопаат борбата против корупцијата.

Новиот кодекс сепак мора да биде потпишан од претседателот, според заменикот-министер за право и човекови права Едвард Хиариеј. Исто така, нема да се применува веднаш, а се очекува преминот од стариот во новиот да трае најмногу три години.