Балкан
22. May 2016 - 8:46

Парламентарни избори во Кипар

Жителите на Кипар денеска ќе гласаат на парламентарни избори на кои за 56 места во Парламентот се борат рекордни 600 кандидати од вкупно 22 политички партии и коалиции.

Анкетите на јавното мислење спроведени во пресрет на изборите, укажуваат на победа на конзервативниот Демократски собир (ДИСИ), кој се очекува да освои околу 24,5 проценти од гласовите. На второ место според популарноста е левичарската Прогресивна партија на работниот народ (АКЕЛ), која ужива поддршка на околу 20 проценти од избирачите.

Кипарските медиуми наведуваат дека партиските штабови се обидуваат до последен момент да привлечат што е можно повеќе гласови, во услови кога голем дел од избирачите изразуваат индиферентност кон изборниот процес.

Во текот на денешниот ден лидерите на политичките партии ќе ги упатат своите последни јавни пораки до гласачите, но борбата за гласови ќе продолжи и во следните два дена преку лични контакти или телефонско обраќање до граѓаните на партиските активисти.

Анкетите покажуваат дека на овие избори изборниот праг од 3,6 проценти би можеле да го минат дури седум партии, кои би обезбедиле мандати во новиот состав на Парламентот.

Во вакви услови, како што наведува весникот „Политис“ двете најголеми партии се обидуваат да привлечат што е можно поголем број гласачи со цел да не дозволат прелевање на гласовите кон помалите партии.

Иако меѓусебе се ривали, двете најголеми партии имаат иста цел: да се изборат во Парламентот да влезат што помал број помали партии, бидејќи влегувањето на седум или осум партии во законодавниот дом ќе значи помал број пратенички места за традиционално силните партии, заклучува „Политис“.