Балкан
14. October 2016 - 11:47

Парламентарни избори во Црна Гора

Во Црна Гора в недела се одржуваат парламентарни избори, десетти по ред од воведувањето на повеќепартискиот систем и четврти од независноста на државата, кои ќе бидат и своевиден референдум „за“ или „против“ членство во НАТО и ЕУ. 

На овие избори 530.840 граѓани со право на глас ќе можат да изберат 81 пратеник од 17 изборни листи. На сите досегашни избори убедлива победа освојуваше владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на актуелниот премиер Мило Ѓукановиќ. Победата тој сепак ја остваруваше со коалициски партнери, претежно од малцинските партии и со Социјалдемократката партија (СДП) на Ранко Кривокапиќ, која неодамна излезе од коалиција со  ДПС и се подели на два блока. 

На овие избори меѓутоа ситуацијата е сосема поинаква и веројатно неизвесна до самиот крај, пред се, поради силната опозиција, за која власта тврди дека се финансира од Москва и од парите на руските, српските и црногорските тајкуни. 

Покрај ДПС на Ѓукановиќ, на изборите клучна улога ќе имаат двата опозициски сојуза, Демократски фронт (ДФ) и коалицијата „Клуч“.

Оваа предизборна кампања беше најжестока досега. Опозицијата се занимаваше со ликот и делото на Ѓукановиќ со слоганот „Ние или тој“, а премиерот возвраќаше со паролата „Со сигурен чекор“.

Лидерите на опозицијата од своите собири испраќаа пораки дека доколку дојдат на власт ќе се пресметаат со сегашната власт и Ѓукановиќ, дека ќе им ги „вратат фабриките на работниците“, од парите земени од тајкуните ќе ги зголемат платите и пензиите, ќе ги ослободат граѓаните од плаќање струја и вода, ќе го забрзаат патот кон ЕУ и ќе организираат референдум за приемот во НАТО.

Аналитичарите се уште не можат да дадат оbјаснување како овие две крила на опозицијата евентуално би се обединиле на заедничка платформа, кога имаат сосема различни ставови за двете важни прашања на црногорската надворешна политика, ЕУ и НАТО. ДФ претежно се состои од просрпски партии, а во коалицијата „Клуч“ членуваат граѓански партии, кои се определени за евроатлантската интеграција, но сметаат дека за се треба да одлучуваат граѓаните на референдум.

Просрпската или проруската опозиција, како ги нарекуваат членовите на опозицискиот ДФ, истакнува дека Ѓукановиќ е послушник на Западот и ЕУ и дека поради политички и лични корупциски причини „завојувал“ со Русија на штета на граѓаните на Црна Гора. Тие им забележуваат на лидерите на ЕУ што премногу му веруваат на Ѓукановиќ за состојбата во државата, за која велат дека е сосема поинаква од она што го прикажува премиерот.

На Ѓукановиќ меѓу другото му забележуваат и поради тоа што предолго владее со Црна Гора (над 27 години), на повеќегодишната корупција и криминалот во земјата, на приватизацијата која ја означуваат како грабеж, на личното богатење и на формирање на криминални групи. На лидерот на ДПС најголема штета му приреди неговиот некогашен најблизок соработник Светозар Маровиќ, кој во црногорското Обвинителство призна дека е организатор на криминална група во Будва, која ја оштетила државата за повеќе десетици милиони евра.

Ѓукановиќ на сите обвиненија возвраќа со фактот дека Црна Гора минала пат од некогаш нејнеразвиена југословенска република до мошне скоро влегување во НАТО и ЕУ, како и со тврдењата дека неговите противници по наредба на своите ментори од странство, сакале земјата да ја вратат повеќе децении наназад.  

- На овие избори се одлучува за зачувување на самостојноста и евроатлантската перспектива на Црна Гора, категоричен е Ѓукановиќ.

Проценките на аналитичарите се дека ДПС тешко ќе оствари апсолутна власт во Парламентот и дека ќе зависи од резултатите на малцинските партии, Социјалдемократите на Иван Брајовиќ и Позитивна Црна Гора на Дарко Пајовиќ, но сите овие партии прво треба да го минат изборниот праг од три отсто.

Според оценките на аналитичарите СДП, Социјалдемократите на Брајовиќ, Демократите на Алекса Бечиќ и Позитивна Црна Гора на Пајовиќ би можеле да освојат најмногу по два мандата, додека останатите - радикалите на Шешељ, Алтернативната српска партија и други помали партии, немаат шанси за влез во Парламентот, така што гласовите на нивните избирачи ќе се прелеат на оние што добиле најмногу гласови. 

Пратеничките места на малцинските партии речиси се загарантирани, бидејќи за нив важи помал цензус. Речиси е сосема извесно дека Хрватската граѓанска иницијатива ќе добие едно пратеничко место, а Бошњаците и Албанците најмалку по три.

Хрватската граѓанска иницијатива, единствена партија која ги застапува интересите на Хрватите во Црна Гора, на минатите избори застана зад ДПС, со што во црногорската Влада имаше и министер без ресор. 

Во случај на пораз на сегашната коалиција, аналитичарите очекуваат целосен пресврт во надворешната политика на државата, што би можело да предизвика националистички тензии и предупредуваат дека тоа би можело да доведе и до внатрешна нестабилност и проширување на кризата врз регионот.