Македонија
8. January 2019 - 13:43

Паркиралиштата во општина Центар ќе се чистат со нова машина

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на општина Центар ја набави првата машина за чистење на своите паркиралишта. Машината е од германскиот бренд „Green Machines“ и ќе може да се користи и за собирање отпадоци и за чистење снег.

На промоцијата на машината денеска присуствуваа градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ и директорот на ЈП „Паркинзи“ на општина Центар Васко Ковачевски.

– Оваа машина е мултинаменска, се менува предниот дел и може да се користи и за чистење снег. Чистењето снег ќе биде покрај паркиралиштата и ќе помогнеме во чистење снежни наноси и во општина Центар, за чистење на тротоарите и пешачките зони, рече Ковачевски.  Додаде дека машината чини околу два милиони и 350 илјади денари и набавена е од „Сандра М Љупчо ДООЕЛ експорт – импорт Кавадарци. Најави дека планираат да купат уште една ваква машина.

Градоначалникот Богдановиќ истакна дека со оваа машина за чистење ќе се придонесе за подобро одржување на хигиената. Потсети дека општина Центар на 27 декември 2018 година ја донесе Програмата и Буџетот и рече оти имаат предвидено средства со кои ќе набават нови поголеми машини за чистење и одржување на хигиената.

Најави дека во соработка со Град Скопје за годинава се предвидени нови подземни контејнери и поствување нови корпи со кои, како што рече, ќе придонесеме во одржувањето на хигиената.

Одговарајќи на новинарско прашање за ревизијата на ДУП-овите, Богдановиќ рече дека веќе шест плана се завршени и очекуваат мислење од Министерството за транспорт и врски.

– Во делот каде ние ја вршиме ревизијата, со нашата Комисија, поголемиот дел од плановите веќе се при крај и останува само формално „да се спакуваат“ сите тие планови, да ги доставиме до Град Скопје, да видиме дали тие имаат некои забелешки. Со Град Скопје имаме воспоставено пракса да се гледаме на неделна основа, а не да комуницираме со дописи. Воспоставивме пракса да имаме заеднички комисии со Град Скопје. Ако сето тоа го завршиме, очекувам оваа половина од 2019 година најголем дел од плановите ќе бидат ревидирани и донесени, рече Богдановиќ.